Градоначалникот на Општина Врапчиште, Бајрам Кадрија, од редовите на Демократската унија за интеграција, е еден од ретките градоначалници од регионот на Западна Македонија, кој во најкус рок одговори на барањето на БИРН за информации, во врска со реализацијата на проектите од неговата изборна програма од локалните избори во 2013 година.

Кадрија, пред четири години, на граѓаните од Врапчиште им ветил реализација на пет приоритетни проекти. На завршување на вториот мандат како градоначалник, најголемиот дел од неговата изборна програма не е реализирана. Од петте приоритети, за оваа Општина од гостиварскиот регион, целосно е реализиран само еден проект, две се нереализирани, додека три ветувања делумно се остварени.

Изградба на регионален пат Сенокос - Драгаш. Првиот приоритет на Кадрија, изградбата на регионален пат, кој го спојува селото Сенокос со косовското гратче Драгаш, не е реализиран. За изградба на патот се предвидени 10 милиони евра, а овој проект требало да биде завршен до 2017 година. Градоначалникот објаснува дека овој проект бил преземен од централната власт, а потоа паднал во сенка на другиот владин проект, изградбата на регионалниот пат Тетово - Призрен.

Реконструкција на регионалниот пат Зубовце - Градец. Вториот приоритетен проект на градоначалникот на Врапчиште, е изградбата на патот Зубовце - Градец. Според информацијата од Општината, патот е целосно реконструиран. Интересно е да се напомене дека таква информација не е објавена на веб-страницата на Општината.

Изработка на ДУП-ови за сите населени места во Општината. Изработка и реализација на урбанистички планови за сите населени места во Општината, како трет приоритет на градоначалникот Кадрија, е делумно остварен. Во изборната програма било предвидено овој проект да заврши до 2017 година и за него требало да се потрошат околу 300 илјади евра.

Меѓутоа, според информациите од градоначалникот, детални урбанистички планови се изработени за само две населени места додека за другите, процедурите се во тек. Досега, урбанистички план е изготвен само за населеното место Врапчиште, а при крај е за селото Галате.

Финансиските средства за изработка на урбанистички планови се обезбедени и за другите населени места, за што се потпишани и договори со архитекти. Градоначалникот објаснува дека најголемиот дел од урбанистичките планови не се изработени од бирократски причини затоа што многу институции учествуваат во нивната изработка. Особено бавни при одлучување се Катастарот и Институтот за заштита на културни објекти, објаснува Кадрија.

Изградба на канализации и санација на водоводи. Третирање на отпадните води и подобрување на снабдувањето со вода за пиење за граѓаните од сите населени места во Општината, бил четвртиот приоритет на градоначалникот на Врапчиште. Кадрија, во својата програма ветил проекти за канализациски мрежи и реконструкција на водоводите за сите 15 населени места. Овој проект требало да се реализира за четири години, за што требало да се одвојат 130 илјади евра.

Од Општината информираат дека веќе се обезбедени средствата за изработка на сите проекти и потпишани се договори со фирми за нивната изработка. За селата Врапчиште, Зубовце, Галате и Топлица, проектите за канализациски мрежи се завршени, додека продолжува изработката на проектите за селата Добри Дол, Неготино, Сенокос и Градец, тврди Кадрија.  

На веб-страницата на Општината, во 2015 година е објавена информација во врска со почнување со изградба на канализација во селото Добри Дол, во должина од над 600 метри.

Во врска со проектите за реконструкција на водоводната мрежа, на веб-страницата на Општината може да се најдат само две информации. И тоа поврзано со изградба на резервоар за вода во селото Калиште и изградбата на заедничка филтер-станица за прочистување на вода за пиење за селата Врапчиште, Зубовце и Галате. Исто така, со средства на Општината биле уредувани изворите за вода во селото Ѓурѓевиште, Добри Дол и Топлица.

Индустриска зона. Иако градоначалникот Кадрија, урбанизацијата на индустриската зона, која се протега паралелно со автопатот Гостивар - Тетово, ја ветил како еден од петте приоритети во неговата програма, зоната досега не е урбанизирана. Проектот било предвидено да заврши до крајот на 2014 година и за него биле предвидени да се вложат 50 илјади евра. Кадрија објаснува дека процедурите за изработка на документацијата продолжуваат, а вината за неурбанизирање на индустриската зона ја префрла на комплексните процедури за изработка на урбанистичките планови и на бирократијата.

Локација за депонија за собирање градежен отпад. Освен петте приоритетни проекти, Кадрија има ветено уште најмалку четири други проекти важни за граѓаните на Општина Врапчиште. Тоа е уредување на локација за собирање градежен отпад, која досега не е изградена. Градоначалникот тврди дека проектот е одложен затоа што било решено да се гради регионална депонија за складирање градежен отпад, каде што ќе се складира отпадот од целиот полошки регион. Изградбата на регионалната депонија станала дел од програмата за развој на полошкиот регион. „Сите општини од регионот, лобираме да најдеме инвеститор за реализација на оваа идеја“, тврди Кадрија.

Реконструкција на објектите на основни училишта. Доградба на училиштата  во Сенокос и во Добри Дол, реконструкција на училишта во Калиште, Ломница, Врановци, Топлица и Градец, завршување на реконструкцијата на средното училиште во Врапчиште и уредување на училишните дворови во селата Топлице, Врапчиште и Калиште, се проекти кои се предвидени во изборната програма на градоначалникот на Врапчиште. Сите овие требало да завршат до 2017 година, а за нивна реализација требало да се инвестираат околу 600 илјади евра, средства од Општината, централната власт и од донатори.

Од сите овие ветени проекти, Кадрија, во последниот мандат успеал да ги реконструира само училишните објекти во селата Врановци, Топлица и Градец. Во селото Калиште, реконструкцијата на училиштето е делумна, додека во селото Добри Дол е изграден анекс на основното училиште, каде што се отворени осум нови одделенија.  

Отворање четири градинки. Освен изградба и реконструкција на училишта, Кадрија има ветено и отворање градинки, во рамки на основните училишта на Општината, и тоа во Градец, Неготино, Добри Дол и Врапчиште. Ова ветување требало да се реализира за четири години, а за таа намена биле предвидени 100 илјади евра.

Од ветените четири градинки, Кадрија успеал да отвори само, една во селото Врапчиште, која била опремена со инвентар од Министерството за труд и социјална политика. Се надева дека градинката ќе стартува со почетокот на новата учебна година откако ќе се вработи потребниот кадар.

Изградба на спортски објекти. Во изборната програма на градоначалникот на Врапчиште е предвидено да се изгради мултифункционален спортски терен во Добри Дол, два мали спортски терени во селата Калиште и Ѓурѓевиште, изградба на три спортски сали во рамки на основните училишта во селата Градец, Добри Дол и Врапчиште, реконструкција на стадионот во Врапчиште и изградба на тениски терен во селото Сенокос. Од ветените осум спортски објекти, Кадрија успеал да изгради само една спортска сала во селото Градец, а за изградбата на друга спортска сала во Врапчиште успеал да потпише договор со фирма, која наскоро требало да почне со изградба на објектот.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

18.377.336

Реализиран буџет

13.397.692

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

3.876.762

Реализиран буџет

1.073.141

Задолженост на општината

1.832.148

Реализирани капитални инвестиции по жител

39

Други општини