Градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски, во својата предизборна програма нема најавено приоритетни проекти, меѓутоа во јавните предизборни настапи издвоил неколку за кои сметал дека се важни за граѓаните од неговата Општина.

Ветувањето за средношколски паралелки во Вевчани бргу отпадна од агендата, со оглед дека немало потреба од нив, противпожарниот дом не е изграден, а се доцни и со игралиштето. Сепак, ветените кеј и канализација во отсечените делови од Вевчани се реализирани проекти.

Општина Вевчани, за последните четири години предвидела 1,5 милион евра за капитални инвестиции, од кои потрошила само 25 проценти или 397.000, односно 162 евра по жител за да изгради капитални објекти.

Средношколски паралелки. Пред локалните избори, градоначалникот вети дека во Вевчани ќе има средно медицинско училиште и гимназија, односно планот му беше новото ОУ „Страшо Пинџур“ да профункционира и како средно училиште за Вевчани и за околните села, меѓутоа на крајот од неговиот мандат, овој проект не е реализиран.

Угриноски по стапувањето на функција разговарал со тогашниот министер за образование, кој му објаснил дека во тој период немало потреба да се отворат средношколски паралелки во Вевчани, бидејќи немало доволно интерес, наведувајќи го како аргумент фактот дека во блиската Струга се затвориле две паралелки.

„Желбата и понатаму останува и прашањето останува и понатаму отворено, но последен збор дава Министерството“, велат од Општината.

Игралиште. Изградба на повеќенаменско игралиште е уште едно од ветувањата на градоначалникот, кое не е реализирано. Сепак, од Општина Вевчани уверуваат дека игралиштето е еден од приоритетите во програмата на Агенцијата за млади и спорт за 2017/2018 година.

Доцнењето на реализацијата на овој проект е поради тоа што сопствениците на земјиштето биле во странство и постапката за експропријација траела подолго од планираното, но сега плацот е во сопственост на Општината.

Кеј. Градоначалникот, меѓу другото, се обврза дека ќе изгради нов кеј во Вевчани, кој жителите на Општината веќе го користат. Кејот е во должина од 850 метри.

Противпожарен дом. Првиот човек на Општината, Угриноски, пред изборите вети дека во Вевчани ќе има противпожарен дом, меѓутоа овој проект е нереализиран.

„Беше ветен во предизборната кампања, но намерата беше противпожарниот дом да служи на регион со 30.000 жители, за целиот Долни Дримкол, кој е под Општина Струга, но во меѓувреме се сменија законите, па надлежноста и финансирањето на ваквите објекти премина на општините, а Вевчани со 2.600 жители и со скромен буџет не е во можност да го финансира овој проект“, образложуваат од Општината.

Канализација. Доградба на канализациската мрежа, со што ќе се опфатат и отсечените делови на Вевчани, е еден од приоритетните проекти што се завршени. Од Општината велат дека канализацијата е во употреба и е поврзана со постојниот канализациски систем.

Споменици. Угриноски пред изборите вети дека ќе го уреди плоштадот во Вевчани со спомениците на жена вевчанка со стомни, вевчанскиот војвода Ставре Гогов и Михајло Пупин, меѓутоа четири години подоцна, спомен-обележјата не се направени.

Од кабинетот на градоначалникот велат дека со генералниот урбанистички план овие споменици се влезени во идејното решение за изградба на плоштадот, кој ќе се гради во следните четири години.

Индустриска зона. Пред изборите, градоначалникот вети индустриска зона во долниот дел на Вевчани, но денес ваква зона не постои. Градоначалникот вели дека на само 15 километри од Вевчани, владата изградила индустриска зона, која се однесува и на неговата Општина.

Патот Кореа - Климештани. Во екот на кампањата беше ветено дека Вевчани инфраструктурно ќе се поврзе со автопатот Скопје - Охрид, преку патот Кореа - Климештани, меѓутоа трасата е сменета и сега се работи на делницата Требеништа - граничен премин Ќафасан, која повеќе ѝ одговарала на Општина Вевчани.

Од Општината потенцираат дека овој проект, сепак, е во надлежност на владата.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

4.479.431

Реализиран буџет

2.471.703

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

1.535.984

Реализиран буџет

397.800

Задолженост на општината

92.615

Реализирани капитални инвестиции по жител

162

Други општини