Градоначалник на Тетово е Теута Арифи од редовите на Демократската унија за интеграција. Таа како кандидат за градоначалник, во 2013 година изготви изборна програма, во која ветуваше реализација на десет приоритетни проекти, од кои најголем дел од комуналната сфера, изградба на водоводи, канализации, училишта и друго.

БИРН од Општината побара објаснување за реализацијата на програмата на Арифи, но, и покрај сите ветувања, не добивме одговор од Општината на нашите прашања.

За изградба на капитални објекти, Општина Тетово, во периодот 2013-2016 проектирала 23,9 милиони евра, но потрошила 5,8 милиони. Од вкупно потрошените пари на оваа локална самоуправа, само 7,4 проценти отишле за градење капитални проекти.

Усвојување на ГУП. Прв приоритет на изборната програма на Арифи било усвојување на Генерален урбанистички план за Тетово, кој ќе биде соодветен за градот. Во изјава за медиумите, Арифи во 2013 година вели дека Општината предвидела околу 18 милиони денари за изработка на Генерален урбанистички план за Тетово и на деталните урбанистички планови, но досега ГУП за градот не е усвоен.

Изградба на водоводот. Решавање на проблемот со снабдување со вода за пиење за градот и околните села e второто најважно ветување на Арифи за тетовци. Изградбата на водоводот е почната од 2014, а во 2016 година Арифи објавува завршување на градежните работи за тетовскиот водовод. Во суштина тоа беше завршување на изградба на водоводната мрежа од 8,5 км, од резервоарот Лешница до другиот резервоар Студена река, со што се обезбедуваат дополнителни 200 литри вода во секунда за тетовци. Пречистителната станица е пуштена во употреба 11 дена пред почетокот на изборната кампања..

Јавен превоз. Јавен градски и приградски јавен сообраќај во Тетово и за околните места е третото нереализирано ветување на Арифи. Во нејзиниот отчет во 2016 година, таа зборува дека имаат во план да се операционализира идејата за Јавното сообраќајно претпријатие.

Решение за дивите депонии. Соодветен третман на ѓубрето и чистење на дивите депонии во Тетово, е четвртото најсериозно ветување на градоначалничката на Тетово, кое не е реализирано. Општината во јули годинава изгради станица за компресирање на отпадот, кое потоа треба да се транспортира до депонијата Дрисла во Скопје, но  дивите депонии во Тетово не исчезнаа. Во август годинава, на влезот на градот беше запален сметот и градот се задушуваше во чад.

Реконструкција на градскиот стадион. Петтиот приоритетен проект на Арифи беше реновирање на Градскиот стадион. Со трипартитен договор меѓу Општината, Фудбалската федерација на Македонија и ФИФА е договорено реновирање на стадионот според стандардите на ФИФА.

Станува збор за реализација на проектот „Хет Трик 4“ на УЕФА, кој предвидува реконструкција на пет стадиони во државата. ФФМ беше задолжен за поставувањето нова тревна подлога и за осветлување на стадионите. Во 2015 година е пуштен во употреба фудбалскиот терен со тревна подлога, работен според највисоките стандарди и критериуми на УЕФА, а во 2016 година се поставени рефлектори.

Обврска на локалната самоуправа беше изградба на покриена трибина со најмалку пет илјади столчиња, како и реконструкција на подтрибинскиот простор, каде што треба да има модерни соблекувални и потребни простори за еден репрезентативен фудбалски стадион.

Канализација за десет улици и села. Тетовската градоначалничка ветуваше и соодветен третман на отпадните и атмосферските води во Општината. Во рамки на тоа ветување, во програмата беше предвидено да се изградат десет канализациски мрежи. На отчетот во 2016 година, Арифи објави дека има изградено или реконструирано шест канализациски мрежи. Нови четири канализации се изградени во други периоди од нејзиниот мандат.

Изградба и реконструкција на училишта. Изградба и реконструкција на пет основни училиште и на пет градинки беше едно од ветувањата на Арифи во изборната кампања, со цел да се подобри квалитетот на образованието во Општината. Во едно појавување пред медиумите во 2016 година, таа се пофалила дека има реализирано капитални инвестиции во 19 училишни објекти. Според описот на инвестициите, се работи за вградување централно греење во училиштата, менување прозорци, реконструкција на санитарни јазли, промена на подови, реконструкции на покриви, како и опремување внатрешен инвентар. На контото на Арифи се впишува и изградба на едно средно училиште во Тетово и на две спортски сали.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

115.312.642

Реализиран буџет

79.486.495

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

23.952.103

Реализиран буџет

5.881.625

Задолженост на општината

8.111.868

Реализирани капитални инвестиции по жител

64

Други општини