Градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев, на прес-конференција во август се пофали со повеќе од 180 проекти, кажа дека го исполнил ветувањето оти ќе направи ГУП и дека тоа резултирало со првата нова зграда во Свети Николе по 30 години, асфалтирал улици и менувал канализации, реновирал училишта и градинка, меѓутоа во овој негов отчет, тој не спомнува дел од проектите што самиот ги зацртал како приоритетни.

БИРН се обиде да дознае што се случува со овие проекти, меѓутоа Тасев не одговори на нашите прашања. Тасев во предизборната програма, како прв приоритет го ставил автопатот Миладиновци - Свети Николе - Штип, меѓутоа овој проект целосно го реализира владата со кредитите од кинеските банки.

Општина Свети Николе, во мандатот на градоначалникот Тасев предвидела дека ќе потроши 4 милиони евра за капитални објекти, а потрошила 2,3, или тоа е реализација од 57 проценти. За капитални инвестиции по жител се потрошени 128 евра.

Регионален пат. Градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев вети дека до 2014 година ќе се направи нов регионален пат од Свети Николе до Пробиштип, со што ќе се скрати патувањето меѓу двете места, бидејќи од едниот до другиот град се патувало 60 километри.

Ова ветување е реализирано, бидејќи во ноември 2011 година е пуштен во употреба патниот правец долг 25 километри, меѓутоа, за неговата реализација е одговорна Агенцијата за државни патишта, која одвоила близу 850.000 евра за неговата изградба.

Индустриска зона. Едно од приоритетните ветувања на градоначалникот Тасев е и инфраструктурното уредување на индустриската зона „Мало стопанство - Кантонче“, со што би се привлекле инвеститори. Во предизборната програма е зацртано проектот да биде готов до февруари 2017 година и за него се планирале околу 260.000 евра.

Тасев на прес-конференцијата, на која го претстави својот отчет, не спомна ништо за оваа зона, додека во интервју во „Вечер“ од ноември 2015 година попатно открива дека има бизнисмени што купиле простор во зоната и дека очекува тие да се вклучат за да се заврши проектот, оти така било предвидено со договорот што го склучиле со овие инвеститори.

Потоа нема други информации околу оваа зона.

Водовод во Ливади. Приоритетен проект во програмата на градоначалникот Тасев е и изградбата на водовод во новата населба Ливади, меѓутоа она што може да се дознае од медиумите е дека тој стартувал во мај 2017 година, иако беше ветено дека ќе заврши на почетокот на 2015 година.

Тасев, на својот официјален фејсбук-профил во мај објави дека со изградбата на новиот мост и речно корито на Светиниколска Река во населбата Ливади се создале услови за поставување нов водовод во должина од 200 метри.

„Оваа инвестиција ќе овозможи нормализирање на испораката на вода во оваа населба и отстранување на старите и дотраени азбестни цевки“, објави Тасев.

Проектот чини околу 100.000 евра и според предизборната програма треба да се финансира од државниот буџет.

Водовод во Рудина. Водоводот во другата нова населба Рудина, исто така е дел од приоритетите на Тасев до 2017 година, меѓутоа нема многу информации за тоа како и дали воопшто се гради мрежата, освен во интервјуто на градоначалникот од јануари, кога тој вели дека овој проект ќе се реализира годинава.

Водоводот чини околу 80.000 евра и планирано е да го финансира Општината.

Пречистителна станица. Градоначалникот Тасев вети дека до 2014 година ќе се модернизира пречистителната станица за вода во Свети Николе, меѓутоа од она што може да се дознае во медиумите, овој проект почнал некаде во јануари 2015 година и нема официјална информација дали е завршен.

Тасев на почетокот од изградбата најави дека ќе се заменат механичките со електронски вентили и дека ќе се користи озон за прочистување на водата,

Околу 50.000 евра потребни за овој проект се обезбедени од Швајцарската агенција СЕКО и од Општината.

Асфалтирање улици. Едно од приоритетните ветувања во предизборната програма на Тасев е и асфалтирање улици во новите населби Ливади и Рудина, проект кој било предвидено да заврши во 2015 година и да чини нешто повеќе од 100.000 евра, пари од Општината.

На прес-конференцијата, на која Тасев го промовираше својот отчет, тој спомна дека реконструирал многу улици во Свети Николе и притоа ја заменил дотраената канализациска мрежа, меѓутоа на тој настан тој не прецизира дали некоја од овие улици се наоѓаат во новите населби Ливади и Рудина.

Нема други информации околу овој проект.

Спортска сала. До јуни 2016 година требаше да биде готова спортската сала во ОУ „Даме Груев“, како дел од владиниот проект за 145 спортски сали, меѓутоа нема официјални информации дека салата е направена, а неа ја нема ни во листата на изградени сали во отчетот на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 година.

Тасев во видеоотчетот го спомнува реновирањето на салите во училиштата „Гоце Делчев“ и во „Св. Кирил и Методиј“, меѓутоа не ја спомнува ветената сала во „Даме Груев“.

ГУП за Свети Николе. Тасев вети дека до 2013 година ќе се изработи Генерален урбанистички план за градот Свети Николе и тоа ветување, според неговиот последен отчет, е направено.

Тасев на прес-конференција во август рече дека ДУП-от за Свети Николе опфаќа 713 хектари и поради тоа што е направен ГУП-от и дополнително уште 14 ДУП-ови, за првпат по триесет години во Свети Николе е изградена станбена зграда.  

Изработката на ДУП-от беше предвидено да чини околу 40.000 евра.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

19.779.528

Реализиран буџет

16.426.897

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

4.006.706

Реализиран буџет

2.295.857

Задолженост на општината

183.259

Реализирани капитални инвестиции по жител

128

Други општини