Кога се кандидираше за втор мандат за градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, во 2013 година, во својата програма опфати над 180 проекти, не издвојувајќи ги приоритетите. Сепак, во неговите јавни настапи и во медиумските извештаи, како доминантни, се посочени неколку капитални зафати.

Подземната сообраќајница ветена во 2013 требаше да биде проект што ќе го одбележи мандатот на  Трајановски, а, исто така, новиот лунапарк, гасификацијата на Скопје и ски-центарот на Водно беа издвојувани и во насловите на медиумските текстови кои ја пренесуваа програмата на Трајановски во 2013 година.  

Во интервју дадено веднаш по победата на изборите, Трајановски ги нотира приоритетните проекти за новиот мандат и токму нив ги побаравме во неговиот отчет како градоначалник, презентиран во август 2017 година.

Градот Скопје во мандатот на Коце Трајковски предвидел 127 милиони евра за изградба на капитални објекти, а потрошил 73,5 или околу 58 проценти.

По жител, градот во овој период потрошил 228 евра во капитални инвестиции.

Изградба на подземен коридор од булеварот Илинден до комплексот банки. „Мојот втор градоначалнички мандат, според моето мислење, ќе го одбележи проектот за изградба на подземната сообраќајница, која ќе се протега од комплексот банки до мостот Гоце Делчев, под кејот на реката Вардар,“ изјави Коце Трајановски во 2013 година, веднаш по победата на локалните избори. Подземната сообраќајница требаше да биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри се под земја, а 400 метри над земја. Основната улога на сообраќајницата е да го растовари метежот во центарот на Скопје, преку подземно поврзување на сообраќајниците околу Владата, со оние кај Народна Банка на Македонија. Рокот за нејзината изградба беше 2017 година, а целиот проект требаше да чини 45 милиони евра.

Една година подоцна, грандиозниот проект беше одложен откако и на вториот тендер фирмите понудиле далеку повисоки цени од предвидените 45 милиони евра. Оваа, како што во 2013 години ја нарече „круна на сообраќајните решенија на Скопје“, на која се работело повеќе години, воопшто  не се спомнува во отчетот на градоначалникот во 2017 година.

Проширување на булеварот Трета македонска бригада. Реконструкција и проширување на булеварот Трета македонска бригада, од крстосницата со бул. Србија до Тутунски комбинат е проект што Трајановски го ветува во својата програма во 2013, а во интервјуа го посочува како приоритет токму за таа година.

Рокот за завршување на работите е 2015 година, но две години подоцна, на овој булевар сè уште се работи. Завршена е првата фаза во должина од километар и 243 метри, изградени се четири сообраќајни ленти, нови тротоари и велосипедски патеки, уредено е зеленилото, а поставено е и ново осветлување. Во тек се работите на вториот дел од булеварот од еден километар и 400 метри.

Продолжување на булеварот Партизански одреди кон Ѓорче Петров. Продолжување на булеварот Партизански одреди, од Порта Влае до новата кружна крстосница кај храмот „Свети Петар и Павле“ (во Ѓорче Петров) требаше да заврши во 2014 година. Меѓутоа, дури во декември 2015 почна втората фаза од проектот за пробивање на булеварот кон оваа скопска населба. Во април 2016 година, во присуство на медиуми е извршен „увид во градежните работи“, кои завршија во јули 2016.

Проширување на булеварот Никола Карев. Проширувањето на булеварот попознат како „Пластичарска улица“ е наведено во Програмата на Трајановски во 2013 година , а е потенцирано како приоритет за 2014 година и по добиениот втор мандат на локалните избори. Рокот за реализација беше 2015 година. Истата година во својот отчет Трајановски го наведува овој проект како еден од планираните објекти за реализација во 2016 година, а во отчетот во 2017 вели дека ќе се гради идната година.

Доизградба на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Булеварот Теодосиј Гологанов почна да се гради во првиот мандат на Трајановски. Во 2011 година е и свечено пуштен во употреба првиот дел од проширениот булевар, во присуство на тогашниот премиер Никола Груевски и градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ. Барајќи го вториот мандат, Трајановски ветува продолжување на градежните работи, кои требаше да завршат во 2014 година. Свеченото пуштање во употреба на Теодосиј Гологанов, во присуство на  тогашниот премиер, е во мај 2015 година.  

Реконструкција на улицата Јордан Мијалков. Улицата Јордан Мијалков (поранешна Железничка, зад ТЦ „Рамстор“) е реконструирана и официјално пуштена во употреба на 12.7.2015 година, една година по предвидениот рок. Градот Скопје, во проектот за проширување и реконструкција на улицата Јордан Мијалков, на потегот од крстосницата со улицата Герман до пред раскрсницата со улицата Павел Шатев, вложи околу 45 милиони денари.

Гасификација на Скопје. Градот Скопје, по пат на концесија во соработка со општините и со Министерството за транспорт и врски, ќе работи на гасификација на Скопје, вети Трајановски во 2013 година, но вети и гасификација на средните училишта што се под надлежност на Градот. Во отчетот на крајот на мандатот, гасификацијата на Скопје не се споменува. Како реализиран проект се наведува само гасификација на училиштата „Георги Димитров“, „Здравко Цветковски“, „Арсениј Јовков“ и „Зефљуш Марку“ .

Скијачка патека на Водно. „По пат на јавно-приватно партнерство, Градот Скопје ќе најде приватен партнер, кој ќе изгради ски-центар на Водно“, е изборното ветување на Трајановски. Всушност, идејата за скијачка патека на Водно датира уште од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ од 2011, а е дел од ветувањата на партијата и за парламентарните избори во 2014 година.

Според првичниот проект, на Водно требаше да се градат четири ски-патеки, со вкупна должина од 3.850 метри, да се изградат и три ски-лифта, со вкупна должина од 1.350 метри и два подвижни тепиха со вкупна должина од 160 метри. Концесионерот требаше да изгради и придружни содржини, и тоа ресторан од 200 квадратни метри, административна зграда со ски-рента и ски-школа, гаража за ратрак, моторни санки, систем за вештачки снег, пумпна станица за системот за технички снег и акумулација за вода.

Во 2012 година, Градот објави тендер за јавно-приватно партнерство за ски-центарот, но откако никој не се јави, проектот го презеде Електрани на Македонија, но и тие сè уште не го реализирале.

Во отчетот на Коце Трајановски на крајот од мандатот, ова ветување, кое беше најмногу издвојувано во медиумите и во насловите на текстовите за неговата програма, воопшто не се спомнува.

Нов луна-парк. По пат на јавно-приватно партнерство, Градот Скопје ќе најде приватен партнер, кој ќе изгради нов луна-парк во Скопје. Вредноста на проектот што ќе се реализира во периодот од 2013 до 2015 година е 8 милиони евра, се вели во програмата на Трајановски на локалните избори 2013.

Четири години подоцна, изградбата на нов луна-парк е сместена меѓу капиталните проекти, на чија подготовка интензивно се работи во следниот период.

„Изградбата на новиот забавен парк ќе се одвива фазно, во повеќе години,“ вели градоначалникот Коце Трајановски во отчетот на крајот од својот мандат.

Управувачки систем за слободни паркинг-места. Во програмата од 2013 година е наведен проект што се однесува на изработка на информативен водич за слободни паркинг-места во Град Скопје. Рокот за негова реализација беше 2013-2015. Тој требаше да се реализира на два начина: сите поголеми компании со дејност паркирање ќе имаат свој инфо-центар, во кој ќе се ажурираат слободни паркинг-места, со локација и број на места и ќе ги препраќаат до Центарот за управување и контрола на сообраќај, од каде што овие информации можат да бидат проследени до светлечките сообраќајни знаци со променлива содржина или со поставување ЛЕД-табли на повеќе локации низ градот, кои ќе се контролираат од страна на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

Ова изборно ветување, исто така, не се споменува во отчетот на Трајановски во 2017 година. Се нагласува само формирањето и опремувањето на Центарот, како дел од проектот за автоматизирано управување со сообраќај, кој е финансиран со заем од Европската банка за обнова и развој од 2,6 милиони евра, грант од ЕУ ФП7 програмата за истражување и развој, во рамки на проектот ЦИВИТАС РЕНЕСАНСА (CIVITAS RENAISSANCE), во износ од околу 220.000 евра, како и со техничка помош од австриската влада во вредност од околу 700.000 евра.

Воведување систем за интелигентна наплата на билети. Во својата програма, Трајановски во 2013 вети проект за инсталирање систем за интелигентна наплата на билети (Smart ticketing), како и систем за автоматска локација на возилата (AVL). Тој требаше да биде реализиран до 2015 година. Системот за електронска наплата, како и системот за автоматска локација на возилата во автобусите на ЈСП и во приватните превозници стартуваше во јануари 2017 година.

Трамвај во Скопје. Градот Скопје ќе продолжи со постапките за изградба на трамвај во Скопје, по пат на јавно-приватно партнерство, вети Трајановски во својата програма, не обврзувајќи се на рокови за исполнување на ветеното. Судејќи според отчетот на крајот на својот мандат, Трајановски се откажа од таа идеја и најавува набавка на 50 нови електрични автобуси, односно 30 минибуси и 20 големи зглобни автобуси во кои можат да патуваат по 150 патници, кои би биле „со дизајн на трамвај.“

 

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

375.658.732

Реализиран буџет

274.254.162

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

127.632.488

Реализиран буџет

73.497.525

Задолженост на општината

1.391.483

Реализирани капитални инвестиции по жител

228

Други општини