Градоначалникот на Сарај, Беким Мурати, на локалните избори во 2013 година излезе со програма со 9 приоритетни проекти, како што се изградба на патишта, училишта и изградба на објектот на Универзитетот на Југоисточна Европа. Освен тоа, тој ветил и изградба на објектот на Општината и на поликлиниката во Сарај.

Градоначалникот не одговори на прашањата на БИРН за степенот на реализација на овие проекти, а според достапните податоци, со сигурност може да се каже дека Мурати, од девет приоритетни проекти, целосно успеал да оствари само еден, изградба на објект на средно училиште.

Анализата на планираните и реализираните буџети на Општина Сарај покажува дека, наместо предвидените 3 милиони евра за изградба на капитални објекти, потрошени се само половина. Од сите средства што локалната самоуправа ги потрошила во периодот од 2013 до 2016 година, капиталните објекти учествуваат со 9 проценти, односно на секој жител, за инфраструктура се потрошени по 9 евра.

Изградба на објектот на средното училиште. Од сите приоритетни проекти, изградбата на средно училиште во Општина Сарај е единственото реализирано ветување. Објектот бил изграден во септември 2016 година, а првата генерација на матуранти се запишани во учебната година 2017-2018 година. Отворени се четири паралелки.

Нереализирани пет проекти. Со сигурност може да се каже дека Мурати, од девет ветени проекти, не успеал да реализира пет. И тоа изградба на основно училиште во Чајлане-Семениште, изградба на објектот на поликлиника во Сарај и градинка во Кондово. Овој податок го добивме од прилог објавен на ТВ 21, кон средината на 2016 година, на кој Мурати отворено признава дека не се реализирани и ветува дека ќе ги реализира во следениот мандат. Според достапните информации, не се исполнети ниту ветувањата за изградба на алтернативен пат за селото Радуша и за изградба на Универзитетски кампус на Универзитетот на југоисточна Европа.

На веб-страницата на Општината, на партијата ДУИ и во медиумите нема никаква информација за судбината на алтернативниот пат за Радуша, додека за универзитетскиот кампус има кратка информација на веб-страницата на универзитетот од 2010 година, во која се говори за намерата на универзитетот да ги дисперзира студиите во Скопје, за што било обезбедена и градежна парцела за објектот во Општина Сарај.

За судбината на другите три проекти, како што е проширување на главната улица во Сарај, изградба на објектот на Општината и реконструкција на два локални патишта, Сарај – Бојане и Кондово – Радуша, има нецелосни информации од веб-страницата на Општината и во медиумите, воопшто.

За сите проекти има информација за почнување на нивната изградба, меѓутоа за ниту еден од нив нема информација дека објектите се изградени.

Проширување на главната улица во Сарај. Целосната реконструкција и проширување на главната улица во Сарај е во надлежност на Град Скопје и не е завршена. Пролетта 2016 година, на веб-страницата на Општината е објавена информација како градоначалникот Мурати, скопскиот градоначалник Трајановски и министри од ДУИ означуваат официјално почнување на градежните работи за овој проект. Планирано било реконструкцијата на патот да почне од мостот на Сарај и да заврши до селото Глумово. Во прва фаза се обновени 665 метри од потегот кај црквата „Света Злата Мегленска“, до кривината кај селото Љубин. Вредноста на проектот е проценета на 20 милиони денари

Изградба на општинска зграда. Кон крајот на 2015 година, на веб-страницата на Општината е објавена информација за инспекција на градежните работи во врска со изградбата на општинската зграда, со детални податоци за содржината на објектот и средствата што треба да се вложат, меѓутоа нема информација кога се очекува да заврши. Објектот на Општината не е целосно изграден.

Реконструкција на локални патишта. Изборното ветување за изградба на два локални патишта, Cарај - Бојане и Кондово -Радуша, не е реализирано. Во мај 2014 година, Општината објавува информација на нејзината веб-страница дека почнале градежните работи за реконструкција на патот Сарај - Бојане, во должина од 15 километри. За реконструкцијата биле одвоени само седум милиони денари, што значи дека за целосната реконструкција на патот треба да се обезбедат дополнителни средства.

Истото се случува и со реконструкцијата на локалниот пат Кондово - Радуша. Патот е во должина од 13 километри, а за реконструкцијата се предвидени само пет милиони денари. Во август 2013 година, на веб-страницата на Општината се објавува информација за почнување градежни работи за реконструкција на патот, без да се прецизира дека се работи за реконструкција на само дел од делницата од Долно Свилари до Радуша. И во овој случај не е јасно до кога треба да заврши реализацијата на проектот.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

20.242.355

Реализиран буџет

17.486.189

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

3.074.309

Реализиран буџет

1.598.564

Задолженост на општината

1.183.683

Реализирани капитални инвестиции по жител

40

Други општини