Ранковце е меѓу помалите локални самоуправи во Македонија, со околу 4.000 жители.

Интересно за оваа Општина е тоа што е една од само четирите, покрај Куманово, Струмица и Центар, кои во минатите четири години ги водеа претставници на неодамнешната опозиција, а од оваа година владејачка коалиција предводена од СДСМ.

Градоначалникот Момчило Алексовски има предизборна програма со конкретни ветувања и со конкретни рокови, меѓутоа нема записи во медиумите дека тој издвоил дел од ветувањата како приоритетни, па изборот го направи БИРН, при што внимававме тоа да се проекти, кои значително би ја подобриле живејачката во Ранковце.

Алексовски ветил дека во 2015 година ќе почне изградба на мрежа за гас низ Општината, секое домаќинство да има водовод и цената на водата да биде пониска за 30 проценти, ветени се канализации и пречистителни станици во неколку села од Општината и асфалтирање улици.

Градоначалникот ветил и дека пазарот во Ранковце ќе се затвори со метална конструкција и во исто време ќе биде изграден и вентилационен систем, со што ќе се обезбеди во пазарот, во текот на целата година температурата да се движи околу 18 степени, кои ќе бидат пристојни за работа.

Детска градинка во Гиновце и базен во Ранковце се, исто така, дел од неговите проекти ветени во предизборната програма.

Со оглед дека Ранковце е мала и рурална општина во најсеверната точка од источниот дел на Македонија, за неа речиси и да нема информации во медиумите, ниту, пак, по социјалните медиуми или на општинската веб-страница.

Само за 2013 и за 2014 година има некаков скромен отчет на сајтот на локалната самоуправа, со вкупно осум реализирани проекти, од кои речиси сите се однесуваат на реконструкција или изградба на патишта и улици, и опремување на една градинка.

Затоа е многу тешко да се пронајдат какви било податоци за ветените проекти, посебно што градоначалникот Алексовски не соработуваше.

БИРН, двапати, во рок од еден месец, му се јави на градоначалникот Алексовски и побара информација до каде е реализацијата на овие проекти, тој вети дека ќе одговори на прашањата, меѓутоа одговор не добивме.

Она што е познато е дека Општината во овој мандат предвидела 1,8 милиони евра за капитални инвестиции, потрошила 564.635 или нешто над 31 процент. Излегува дека за капитални објекти, Општина Ранковце потрошила по 150 евра по жител.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

5.952.972

Реализиран буџет

3.211.327

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

1.795.888

Реализиран буџет

564.635

Задолженост на општината

160.769

Реализирани капитални инвестиции по жител

150

Други општини