Речиси сите проекти од ситната инфраструктура во Прилеп се реализирани, како и реконструкциите на ветените градинки и училишта, меѓутоа неколку големи проекти, како Градскиот стадион, пречистителната станица и новото училиште во населбата Сточен пазар, сѐ уште се во тек.

Реализиран е и голем дел од ветените индустриски зони и во тек е изградба на фабриката за секундарна селекција на отпад.

Општина Прилеп, во мандатот на градоначалникот Марјан Ристески предвидела вкупно 12,7 милиони евра за капитални објекти, од кои потрошила 7,8 милиони, или околу 62 проценти. По жител, тоа се 104 евра потрошени на капитални инвестиции.

Индустриски зони. Прв приоритет во програмата на прилепскиот градоначалник Ристески е континуирано, од 2013 до 2017 година да се заврши економската зона „Прилеп 1“, па да се продадат парцелите на овој локалитет и да се изградат уште две вакви зони, „Прилеп 2“, која ќе биде сместена кај сточниот пазар и „Прилеп 3“, спроти „Жито Прилеп“.

Во програмата на Ристески пишува и дека со изградбата на овие зони ќе се отворат 2.000 до 3.000 нови работни места.

Од овие ветувања може да се каже дека слободната зона „Прилеп 1“ е доизградена и заживеала, бидејќи како што во април годинава информираа од Општината, на таа локација продадени се 21 парцела, а на 13 веќе се градел некаков стопански објект.

Според сајтот на Општина Прилеп, изградена е и зоната „Прилеп 2“, во јуни годинава бил објавен оглас за продажба на четири парцели на оваа локација, а продадени се вкупно 15 од 25 локации.

Додека, пак, за „Прилеп 3“ има информации само дека е направена инфраструктурата, има струја, вода, канализација и пристап до зоната.

Покрај економските зони, во програмата на Ристески до 2017 година е предвидена и слободна економска зона во месноста Алинци, на четири километри од Прилеп, иако за овој ТИРЗ е одговорна Дирекцијата за технолошки индустриски зони, која за проектот предвидела 12 милиони евра.

Овој проект го почна владата во 2012 година и до денес голем дел од градежните работи се завршени.

Во зоната веќе работи компанијата „Гентерм“, од автомобилската индустрија, а во завршна фаза е изградбата на објектот на компанијата „Акомпласт“, исто од автомобилската индустрија.

Пречистителна станица. Пред изборите, градоначалникот Ристески вети дека до 2017 година, Прилеп ќе добие пречистителна станица, која ќе може да сервисира населено место со 95.000 жители, односно комплетно да ги третира отпадните води, и со тоа прилепската градска река од најзагадена ќе стане најчиста река во Македонија. Четири години подоцна, според информациите во медиумите, овој проект е во завршна фаза, меѓутоа сѐ уште не е завршен.

На крајот од јули годинава, прилепскиот градоначалник зборува во идно време за овој проект, објаснувајќи дека „првата фаза од изградбата на канализацискиот систем во Прилеп била во должина од 23 километри, а во втората фаза ќе се градат 47 километри“.

Пречистителната станица, со обновата на канализацијата, чини околу 26 милиони евра, пари кои 85 проценти се од ИПА-фондовите на ЕУ, додека 15 отсто се од владата.

Фабрика. Едно од приоритетните ветувања на градоначалникот Ристески беше дека до 2017 година ќе се изгради фабрика за селекција на отпад со можност и за производство на електрична енергија и на биогас, меѓутоа, судејќи според отчетот на Ристески за 2016, овој проект сѐ уште не е реализиран.

Според ветеното, прво требаше да се изгради халата за секундарна селекција на отпадот и таму прво да бидат вработени 60 лица, а подоцна таа бројка да порасне на 100 вработувања. Втората фаза од проектот, пак, предвидуваше дека преку јавно-приватно партнерство би се овозможила изградба на фабрика за производство на електрична енергија и биогас од самиот отпад.

Меѓутоа, во февруари 2017 година, Ристески најавува дека дури годинава ќе биде поставен и камен-темелникот за фабриката за секундарна селекција на отпад кај депонијата „Алинци“, за веќе при крајот на јули интензивно да се работи на фабриката, која според најавите ќе чини два милиони евра.

Се очекува да проработи кон крајот на годината и да работат 200 луѓе распределени во четири смени, a најавена е и компостара од два милиони евра, додека фабриката за електрична енергија е најавена за подоцна.

Осовременување на градскиот стадион. Прилеп до 2017 година ќе добие современ стадион од англиски тип, вети градоначалникот Ристески пред изборите, меѓутоа, според последните најави од Општината, овој спортски објект комплетно ќе биде готов во средината на идната 2018 година.

Во јуни годинава реагираше и локалната организација на СДСМ со прес-конференција внатре во стадионот, каде што се гледа обраснатата трева и го обвини Ристески дека ги излажал прилепчани дека ќе имаат нов и модерен спортски објект.

Две недели подоцна се јави и градоначалникот Ристески со информација дека интензивно се работи на стадионот „Гоце Делчев“.

„Деновиве се реконструира и санира фудбалскиот терен, а се гради и нов дренажен систем“, пишува на сајтот на Општината. 

Овој стадион беше најавен со капацитет до 15.000 гледачи и кој ќе чини околу пет милиони евра, кои би требало да се обезбедат преку јавно-приватно партнерство, меѓутоа нема информации од Општината дали е најден приватен партнер за овој проект.

Реконструкција на влезовите во градот. Ристески пред изборите вети реконструкција на влезовите во Прилеп, односно дека улицата на излезот кон Битола, популарно наречена Самоилова, ќе прерасне во булевар со четири коловозни ленти и со осветлени пешачки и велосипедски патеки, меѓутоа по истекот на неговиот мандат нема информација дека тоа е направено, освен податокот дека била осветлена клучката на крајот од оваа улица.

Според Гугл-мапс од јуни 2015 година, оваа улица не е прерасната во булевар.

Од друга страна, уште за време на изборите во март 2013 година, во поодмината фаза било уредувањето на улицата Александар Македонски (поранешна Моша Пијаде), односно влезот на градот од страната на патот кон Градско, која е завршена во 2014 година и изградени се велосипедската и пешачката патека.

Реконструкција на Маркови кули. Приоритетен проект на градоначалникот Ристески во предизборната програма беше и реконструкцијата на Марковите кули до 2017 година, меѓутоа во медиумите и на сајтот на Општина Прилеп нема официјална информација дали локалната власт воопшто интервенирала на овој историски споменик.

Пред изборите, Ристески најави дека проектот ќе биде реализиран во соработка со Министерството за култура и дека покрај тоа, за пари ќе се аплицира до повеќе достапни фондови.

Во 2015 година има информација дека УНЕСКО поддржало проект за промоција на Марковите кули, меѓутоа нема објаснување дали овој проект има некаква врска со предизборното ветување за реконструкција на историскиот локалитет.

Ниту во партискиот отчет на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 година, партија чиј член е градоначалникот Ристески, нема информација до каде е реализацијата на ова ветување.

Градинки. За периодот од 2013 до 2014, Ристески вети дека ќе се реконструираат постојните и ќе се прошируваат капацитетите во одделни градинки и според она што е објавено на сајтот на Општина Битола, локалната самоуправа работела да се подобрат условите во градинките и да се отворат нови места за децата.

Во отчетот на Ристески пишува дека во периодот од 2013 до 2016 биле проширени и зголемени капацитетите во прилепските градинки за 210 деца.

Меѓу овие проекти се опфатени и градинките во населбата Бончејца, Тризла и онаа кај училиштето „Гоце Делчев“ и тие се реконструирани според ветувањето, меѓутоа нема информации дали е реконструиран покривот во градинката „11 Октомври“.

За овие проекти во изборната програма биле предвидени повеќе од 400.000 евра од Општината и од донации.

Ново училиште во населбата Сточен пазар. Еден од приоритетните проекти на градоначалникот Ристески беше и изградбата на ново училиште за децата до петто одделение од населбите Жабино Маало и Сточен Пазар. Училиштето се гради и градоначалникот во мај изјави дека ќе биде готово на крајот од оваа година, меѓутоа првичното ветување беше дека ќе биде пуштено во употреба во 2013 година.

Во март 2016 година, општинската организација на СДСМ реагираше дека ова ветување е далеку од исполнето, бидејќи во тој момент сѐ уште не била определена ниту локацијата каде ќе се гради училиштето.

Проектот беше процент на околу 260.000 евра, пари што беше планирано да се обезбедат од општинската каса.

Реконструкција на средни и основни училишта. Вкупно 17 училишта беа опфатени со ветувањето на градоначалникот дека ќе бидат реконструирани и во неговиот отчет стои дека за оваа намена потрошил три милиони евра и 150.000 евра и во брошурата има детални информации за тоа што е сѐ е направено во сите од овие училишни установи.

Доасфалтирање на улиците и допоплочување на тротоарите во градот. Во предизборната програма на Ристески, во делот на приоритетни проекти има цела листа на улици што тој предвидува да ги доасфалтира и тротоари што требало да се поплочат во неговиот мандат, додека во неговиот отчет пишува дека од 2013 до 2017 година изградени се 47 километри на улици, државни и општински патишта, кои ја чинеле Општината околу пет милиони евра.

Во брошурата има точна информација кои сѐ улици се завршени со овој проект.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

74.351.740

Реализиран буџет

61.894.690

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

12.759.398

Реализиран буџет

7.876.873

Задолженост на општината

629.010

Реализирани капитални инвестиции по жител

104

Други општини