Градоначалникот на Новаци, Лазар Котески, во својата предизборна програма има најавено само пет приоритетни проекти, а денес, по завршувањето на неговиот четиригодишен мандат, може да се каже дека ги реконструирал локалните патишта што ги ветил, владата му помогнала да ги изгради спортската сала и повеќенаменското игралиште, дел од ветените канализации се градат, додека за другите нема официјални информации, како што ништо не се знае околу ветената изградба на браната на Елешка Река.

Општина Новаци, во мандатот на градоначалникот Лазар Котески предвидела 7 милиони евра капитални инвестиции, од кои реализирала 3,7 или 52 проценти. По жител тоа се 1.170 евра.

Локални патишта. Прв приоритетен проект во предизборната програма на градоначалникот Лазар Котески е изградба и реконструкција на локалната патна мрежа, односно на патните правци: Мегленци до Арматуш, Зовиќ до Р-511, Рибарци  до Гнеотино, Р1311 до Мегленци и Брод до Р-510 и според она што е објавено на сајтот на Општината, проективе се реализирани уште во првиот дел од мандатот на Котески.

Спортска сала. Во предизборната програма на градоначалникот ветено е дека до јули 2015 година ќе се изгради спортска сала во рамки на основното училиште „Славко Лумбарковски“ во селото Новаци и ова ветување е реализирано.

Објектот е дел од проектот 145 спортски сали на Владата на РМ, која за него инвестираше околу 380.000 евра.

Повеќенаменско игралиште. Покрај училишната сала во Новаци беше ветено и повеќенаменско игралиште и според она што е објавено во медиумите и ова ветување е реализирано.

Проектот вреди околу 100.000 евра, пари обезбедени од Владата на РМ.

Канализација. Приоритетно ветување во програмата на градоначалникот Лазар Котески е изградба на канализациски системи во селата Добромири, Бач и Гермијан и за сите овие проекти има различен краен рок, за Добромири тоа е 2014 година, за Бач првата половина на 2015, додека Герман е ставен во друга група на села, за кои се предвидува дека ќе имаат канализација најдоцна до 2017 година.

За канализацијата во Добромири има информација дека почнала да се гради во октомври минатата година и дека ќе чини околу 90.000 евра, пари што ги обезбедило Министерството за животна средина, меѓутоа нема вест дали е завршен проектот и ако не е, кога би се случило тоа.

За другите два канализациски проекти има само информација дека се предвидени во годишната програма на Општината за 2017 година.

Брана. Во предизборната програма, градоначалникот Лазар Котески вети дека ќе изгради брана на реката Елешка и одводни канали во должина од 5 километри, со што ќе се овозможи наводнување на 3.000 хектари обработливо земјиште, меѓутоа за овој проект не постојат никакви информации во медиумите и на веб-страницата на Општина Новаци.

Дополнително, партијата СДСМ, која е опозициска во Новаци, лани го обвини градоначалникот Котески дека при крајот на неговиот мандат овој проект не е реализиран.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

13.274.452

Реализиран буџет

8.541.317

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

7.088.196

Реализиран буџет

3.724.027

Задолженост на општината

279.250

Реализирани капитални инвестиции по жител

1.170

Други општини