Градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Дарко Митевски, во својата програма за локалните избори во 2013 година, на граѓаните им вети пет најприоритетни проекти.

Во февруари годинава, во својот последен отчет, Митевски наведе неколку реализирани проекти, кои не се спомнати меѓу приоритетите, и тоа изградбата на дневен центар за деца со посебни потреби, завршување куќа на спорт, изградба на типски мостови по реката Каменичка, повеќе локални патишта. Според него, само во 2016 година, за инфраструктура биле потрошени околу 3,2 милиони евра.

Според податоците на БИРН, во Општина Македонска Каменица, локалните власти за четири години инвестирале околу 5,2 милиони евра во градежни објекти, што е реализација од 63,4 проценти во однос на планираната сума. По жител, во Општина Македонска Каменица се инвестирани по 673,4 евра.

Од поставените приоритетни проекти, според информациите на БИРН, дел се реализирани, а дел се само почнати. Од Општината не одговорија на прашањата на БИРН за прогресот во реализацијата на предвидените приоритетни проекти.

Отворање индустриска зона во Општината. Рокот за реализација за изградба на индустриска зона беше до 2014 година, за која се планираа 12 милиони денари од буџетот на Општината, но проектот засега не е реализиран. Според информациите од советничката група на СДСМ од Општината, земјиштето е израмнето, меѓутоа ветената патна и комунална инфраструктура не се реализирани.

Реконструкција на градска водоводна мрежа во Македонска Каменица. Проектот за реконструкција на градската водоводна мрежа, во поголем дел е завршен. Според информациите од дел од советниците во Општина Македонска Каменица, останува уште мал дел за реконструирање на водоводната мрежа. Според проценките од програмата, овој проект има вредност од околу 16 милиони денари обезбедени од централниот буџет.

Изградба на пристапен пат и уредување на манастирско-туристички комплекс во местото Еленец, с. Цера. Овој проект, исто така, е завршен, при што е изграден пристапен пат во должина од 1,5 км, а уредувањето вклучува и реконструкција на конаците, поставување урбана опрема и осветлување на манастирско-туристички комплекс во местото Еленец, во селото Цера.Овој проект е поддржан и со меѓународно финансирање за прекугранична соработка, а се проценува на 17 милиони евра.

Изградба на современ дом на културата. Современиот Дом на културата е изграден со финансирање обезбедено од Светска банка, со што спаѓа во листата на реализирани проекти. Рокот за реализација предвиден во програмата беше до оваа година. Според изјавите на градоначалникот, овој проект вреди 42 милиони денари.

Хортикултурно уредување на кејот на реката Каменичка. Проектот е почнат, меѓутоа според информациите од советничката група на СДСМ во Општината, не е реализиран така како што било планирано. Биле посадени само цвеќиња, но не се поставени и клупите и останатата опрема што била предвидена во рамки на проектот. Овој проект целосно требаше да се реализира до 2015 година.

Дел од овие проекти, но и други како приоритетни беа претставени и во видеопрезентацијата за Општината, како дел од кампањата за локалните избори во 2013 година.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

18.112.451

Реализиран буџет

13.677.567

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

8.127.452

Реализиран буџет

5.150.456

Задолженост на општината

577.983

Реализирани капитални инвестиции по жител

673

Други општини