Градоначалникот Садула Дураку, кој во моментов е министер за животна средина и просторно планирање, пред четири години, во трката за трет градоначалнички мандат, на граѓаните на Липково им вети осум приоритетни проекти за изградба на водоводи, канализации, асфалтирање улици, како и отворање два гранични премини.

БИРН побара одговори од Општината во врска  со ветените и реализираните проекти, но од Општината не одговорија на поставените прашања.

Општина Липково реализирала 65 проценти од планираниот буџет за изградба на капитални објекти. Тие учествуваат со 20 проценти од вкупно потрошените средства на Општината, во периодот 2013 - 2016 година , или 116 евра по жител.

Липково е една од ретките локални самоуправи, која нема официјална веб-страница. Градоначалникот пред да стане министер, целата комуникација со граѓаните ја остварувал преку официјалната страница на Фејсбук. БИРН преку тие објави ги нотира информациите за реализираните проекти во Липково.

Карактеристично за  Дураку е нејасно формулирање на ветувањата. Наместо да ветува реализација на конкретни проекти, дава генерални ветувања. На пример, наместо реализација на некоја фаза на регионалниот водовод за Липково, ветува дека ќе ја продолжи реализацијата на проектот.

Ако се гледа од формален аспект, тој го одржал ветувањето пред граѓаните, меѓутоа во суштина проектот не е остварен. Слични формулации Дураку користи и за другите ветувања во изборната програма.

Водовод. На свеченоста по повод почнувањето на работите за третата фаза на регионалниот водовод, во септември 2014 година, Дураку изјави дека за целосна реализација на целиот проект се потребни девет милиони евра, а досега се инвестирани само еден и пол, и тоа за изградбата на филтер-станицата од липковската брана. Со новите два милиони евра обезбедени од Министерството за екологија и од Јавното претпријатие за водостопанство, тој тврди дека се завршува трета фаза, без да појаснува што конкретно значи тоа.

ДУП за Липково. Вториот приоритетен проект на Дураку е донесувањето детален урбанистички план за месноста кај Липковската брана, со цел да се поттикне развојот на туризмот. Нема никаква информација поврзана со ДУП-от за браната. Според страната на Бирото за јавни набавки, во 2014 година е склучен договор за изработка на ДУП за селото Липково, во висина од 29 илјади евра. Во отчетот на ДУИ од 2014 година дадена е двосмислена формулација, не е јасно дали е усвоен урбанистички план или дека треба да се изготви.

Нејасна е судбината и за проектот за асфалтирање на локалниот пат Липковска брана до езерото Глажња. Овој проект не фигурира ниту во отчетот на ДУИ.  

Доизградба на канализациски мрежи. Завршување на проектите за изградба на канализациските мрежи во населените места во Општината е четвртиот приоритет на Дураку, без да се прецизира за кои населени места станува збор. Во врска со ова ветување, успеавме да најдеме три настани. На почетокот на април 2016 година бил потпишан договор со Министерството за екологија, за изградба на фекална канализација во селото Слупчане. Вредноста на договорот е 6 милиони денари. Нема информација дали проектот е завршен.

Друг проект поврзан со овој приоритет е договорот со Министерството за екологија за изградба на канализација во селото Хотла, потпишан во мај 2015 година. Нема информација дали проектот е завршен.

Слична најава за почнување градежни работи за изградба на канализација во Матејче има на фејсбук-страницата на градоначалникот објавена во октомври 2014 година. За канализацијата од 3,5 километри биле предвидени 170 илјади евра, во должина од 3,5 километри. Нема информација дали проектот е завршен.

Бекатон-плочки за 4 села. Генерално ветување Дураку има дадено и за поставување бекатон-плочки во населените места на Липково. На неговата фејсбук-страница тој се фали со поставени бекатон-плочки во селата Отле и Лојане и дека почнал да ги поплочува уличките во Оризари и Ропалце. Нема информација дали акцијата за поставување бекатон-плочки во последните две села е завршена.

Изградба на регионалниот пат за Арачиново. Проектот за изградба на регионалниот пат Липково-Арачиново не е целосно реализиран. Свеченото пуштање во употреба се случило кон крајот на февруари 2014 година. Меѓутоа, од изјавата на тогашниот министер за транспорт и врски, Џелал Бајрами, се разбира дека се работи за изградба на половина од предвидената делница долга 27 километри.  До ист заклучок во врска со овој проект дошле и колегите од Вистиномер.

Отворање два гранични премини со Косово. Целосна забуна владее и околу судбината на двата ветени проекти за отварање на два гранични премини со Косово. На нивното отворање треба да претходи асфалтирањето на патот Лојане - Миратовац и Белановце - Станчич. Градоначалникот, но и високи владини претставници на ДУИ, неколкупати свечено најавувале почеток на работите за  асфалтирање, но нема информација дека се завршени градежните работи за овие две делници. Според изјавата на заменик-министерот за транспорт и врски, Нутела Халими, асфалтирањето е завршено, но граничните премини никако да профункционираат.  Единствено јасно е дека Собранието во 2013 година го ратификувало договорот со Косово за отворање граничен премин Станчич - Белановце.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

19.484.009

Реализиран буџет

16.686.328

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

5.339.772

Реализиран буџет

3.479.189

Задолженост на општината

76.406

Реализирани капитални инвестиции по жител

117

Други општини