Општина Куманово, во периодот од 2013 до 2016 година, инвестирала вкупно 8,7 милиони евра во изградба на капитални објекти, со што реализирала дури 70,9 проценти од планот, покажуваат податоците од завршните сметки на Општината до кои дојде БИРН. Меѓутоа, оваа сума е само десеттина од вкупно потрошените пари. Поради тоа, инвестициите во капитални објекти по жител, од 79,1 евра се меѓу најниските во земјава.

По одделни проекти, градоначалникот Зоран Дамјановски, кој веќе трет мандат е на чело на Општината, во својата програма за локалните избори во 2013 година наведе повеќе најприоритетни проекти, а најголем дел од нив во делот на инфраструктурата.

Од Општината не добивме одговори на прашањата во врска со реализацијата на општинските проекти во овој мандат, иако дури и градоначалникот Дамјановски лично вети дека ќе одговори.

БИРН се обиде да провери од повеќе извори до каде е реализацијата на ветените проекти на Дамјановски.

Комплекс базени. Од она што е реализирано, најголемиот проект во последните четири години е изградбата на комплексот базени, со површина од околу 6.000 квадратни метри. Овој комплекс е пуштен во употреба во август 2016 година.

Гасификација. Уште еден од главните приоритети на оваа Општина е гасификацијата. Според најавите, во периодот од 2013 година до денес требаше да се изградат 40.000 метри дистрибутивна гасоводна мрежа. Нема точни податоци колку од овој план е реализиран, меѓутоа, според годишната програма на јавното претпријатие „Куманово гас“ за 2017 година, проектот за дистрибутивна гасоводна мрежа на град Куманово е почнат во 2011 година. Предвидено е изградба на секундарна полиетиленска гасоводна мрежа за централното градско подрачје. „Должината на секундарната гасоводна мрежа предвидена со овој проект изнесува околу 22.000 метри и се предвидува таа да се гради со полиетиленски цевки со пречници од Ø 25 mm до Ø 180 mm“.

Цевковод Куманово - Липково. Овој проект предвидува нов начин на зафаќање на водите околу езерото Глажња и изградба на нов доводен цевковод, во должина од 18,4 километри со дијаметар Ф 609,9 мм, што ќе обезбедува сигурен дотек на вода до филтер-станицата во Куманово од дополнителни 500 литри во секунда. Меѓутоа, според достапните информации, овој проект е нереализиран и во овој мандат, со што остана нерешен круцијалниот проблем со водоснабдување на Општината. Градоначалникот Дамјановски, на ова прашање, само кусо одговори дека станува збор за голем проект вреден над 10 милиони евра, чија реализација зависи од централната власт.

Изградба на комерцијален и административен центар „Чоробенско ќоше“. Ова е наведено меѓу приоритетите за мандатот од 2013 до 2017 година, меѓутоа проектот не е ниту почнат да се реализира.

Изградба на индустриска зона. Новата индустриска зона е предвидена да се изгради во атарот на селото Речица на површина од 60 хектари. Според планот, во зоната требаше да се отворат 60 стопански објекти, со проекција на отворање нови 2.500 до 3.000 работни места. Според последните информации, и ова е нереализиран проект.  

Горилница на отпад. Проектот беше предвидено да се реализира со концепт на јавно-приватно партнерство. Познато е дека е изработена и усвоена физибилити студија за горилница на отпад и Студија за влијание на животната средина, која е завршена на почетокот на 2013 година. Вкупната вредност на инвестицијата е предвидена да изнесува помеѓу 50 и 60 милиони евра, но овој проект не ниту почнат да се реализира.

Детски градинки. „Презедовме обврска до 2017 година да изградиме три нови детски градинки: во населбите Карпош, Перо Чичо и Тоде Мендол, пишува во програмата на Дамјановски, меѓутоа од Општината нѐ информираа дека нивната изградба зависи од централната власт и досега не е почната. Во меѓувреме, овој проблем во Куманово со недостигот од детски градинки се решава со преадаптирање на Пионерскиот дом во градинка.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

93.881.466

Реализиран буџет

81.923.612

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

12.235.088

Реализиран буџет

8.670.822

Задолженост на општината

2.087.097

Реализирани капитални инвестиции по жител

80

Други општини