Градоначалникот Ратко Димитров, кој доаѓа од редовите на ВМРО ДПМНЕ, е на чело на општината од 2013 година и сега го завршува вториот мандат. Во периодот од 2013 до 2016, оваа општина има реализирано речиси 77 проценти од буџетираните средства за капитални инвестиции. Сепак, најавените приоритети во програмата за локалните избори во 2013 година не се целосно реализирани.

Општината под водство на Димитровски во овој мандат предвидела дека ќе потроши 6,7 милиони евра, а потрошила 5,1 милиони, што претставува токму 77 проценти реализација.

По жител, оваа Општина, во овој период потрошила 136 евра во капитални инвестиции.

Два од четирите приоритетни проекти најавени во 2013 година, кои не се нереализирани, градоначалникот во отчетот до 2017 ги најавува како приоритетни во иднина.

Општина Кочани е една од ретките која уште во истиот ден одговори на барањата на БИРН за информации.

Брана на Оризарска Река. Проектот со кој требаше да се реши водоснабдувањето на 90.000 граѓани од Кочани, Виница и од околните населени места, не е реализиран. Браната „Речани“ треба да служи и за наводнување земјоделски површини во кочанскиот регион, како и за збогатување на туристичко-рекреативната понуда со оформување на новото вештачко езеро. Направен е само пристапен пат, а од Општината велат дека е завршена тендерската постапка и е потпишан договор со изведувачот. Договорот со фирмите-понудувачи „Силекс“ и „Трансмет“, во вредност од 30,5 милиони евра, е склучен на само два дена пред изборите во декември 2016 година. Дополнителниот заменик-министер во Министерството за шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски реагираше  дека е прекршена тендерската процедура, на што Министерството излезе со демант.

Инаку, овој проект се ветува подолго од една деценија. Инвестицијата е најавена уште во 2006 година. „Вечер“ тогаш наведува дека средствата се обезбедени со кредит од Јапонија.  

Одвојување на атмосферската од фекалната канализација во Кочани. Според Општината, „изградбата на овој објект беше предуслов за реализација на уште еден поголем проект за изградба на фекален колектор во вкупна должина од околу 12,5 км и пречистителна станица, во вкупна вредност од 23 милиони швајцарски франци. Реализацијата и на овој објект е почната и се очекува целосно да се реализира до крајот на 2018 година.“

Асфалтирање улици. Во изборната програма се наведуваат голем број улици што треба да се асфалтираат. Според Општината, овој проект е речиси целосно реализиран. Се работи уште на асфалтирањето на улицата Гоце Делчев во с. Оризари, кое е во завршна фаза и се планира да  биде завршено до средината на септември оваа година, а две улици во Прокарка и една улица во лесна индустрија се завршени до фаза на тампонирање и поставени рабници и нивното асфалтирање се очекува до крајот на 2017 или почетокот на 2018 година, велат од Општината.  

Искористување на геотермалната енергија. Потенцијалите на регионот во однос на ова природно богатство се познати, но никогаш не се искористени во доволна мера. Поголемите инвестиции во оваа област се во 2011 година, а во овој мандат на градоначалникот нема видливи резултати во таа насока. Од Општината, сепак, велат дека „покрај самиот цевковод се продадени неколку градежни парцели за изградба на индустриски објекти, кои се во фаза на изградба и кои имаат намера во процесот на производство да ја користат геотермалната енергија“.

Прераснување на Пониква во главен зимски центар во регионот. Во рамките на рокот што го ветила Општината (2013-2017) се направени неколку чекори како:

- изработен и усвоен нов Детален урбанистички план за туристички центар Пониква,
- изградени и асфалтирани нови две улици на Пониква, во вкупна должина од околу 2 км,
- реконструиран и отворен нов туристички инфо-центар на Пониква
- продадени 4 градежни парцели за изградба на хотели,
-продадени околу 150 градежни парцели за изградба на викендички,
- изработена проектна документација за водоснабдување на туристичкиот центар Пониква,
- изработена проектна документација за фекална канализација на туристичкиот центар Пониква.

Но, овие проекти се далеку од амбициозното ветување на градоначалникот Ратко Димитровски во 2013 година. Треба да се земе предвид и дека при плановите и реализацијата на активностите на Пониква, вклучени се и други општини.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

32.103.074

Реализиран буџет

28.968.213

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

6.676.600

Реализиран буџет

5.135.852

Задолженост на општината

501.486

Реализирани капитални инвестиции по жител

136

Други општини