Во февруари 2017 година, на прес-конференција, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ изјави дека нејзината програма била реализирана над 80 отсто. Со цел да добиеме прецизни информации до каде е реализацијата на проектите, БИРН испрати прашања до Општината, но по еден месец чекање, како одговор ни беше испратен отчетот, кој е јавно достапен и објавен на веб. Со оглед на тоа дека отчетот не ги содржи нереализираните проекти, за степенот на реализираност ги користевме интернет-архивите и ситуацијата од теренот. Голем број од приоритетните објекти се остварени, но со голема помош од домашни и странски донации, како и од владата.

Инаку, Беличанец-Алексиќ беше и една од првите, која уште во август 2017 година излезе во јавноста со став дека нема намера повторно да се кандидира за градоначалничка позиција, опишувајќи ја оваа позиција како „голем предизвик и искуство“.  

Проширување на бул. Борис Трајковски (поранешна Првомајска), со цел добивање модерно булеварско решение со 4 сообраќајни ленти. Во 2013 година, градоначалничката на Кисела Вода, тогашниот премиер Никола Груевски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во употреба ја пуштија втората делница од проширениот и реконструиран булевар, па постоечката тесна улица се трансформираше во булевар со 4 коловозни ленти широки по 3,5 метри. Вкупно беа реконструирани 1.126 метри.

Инаку, реконструкцијата на булеварот Борис Трајковски е почната уште во 2011 година, а во 2015 година почна и третата фаза од реконструкцијата, во должина од 2.200 метри. Овој зафат чинеше 3,7 милиони евра, како што стои во отчетот на Беличанец-Алексиќ, пари кои владата ги обезбеди од Светска банка.

Развој на инфраструктурата за индустриската зона на бул. Борис Трајковски и гасификација на Кисела Вода. Гасификацијата на Кисела Вода се споменува во градоначалничките реторики една деценија наназад, но досега не е остварена. Уште во 2007 година, тогашниот градоначалник Џорџе Арсов ветуваше гасификација и изјави дека Кисела Вода ќе биде првата што ќе ја спроведе. Во 2015 година, Беличанец-Алексиќ изјавува дека Општината е подготвена за гасификација, а сега, истото го ветуваат и новите кандидати за градоначалници.

Инфраструктурата за индустриската зона на булеварот Борис Трајковски, исто така, не е спомната во отчетот на градоначалничката за сработеното во последниве 4 години.

Инвестиции во образованието: изградба на нови училишта и спортски сали, реконструкција на постојните објекти и проекти за енергетска ефикасност во училиштата и во градинките.  Учениците од „Невена Георгиева-Дуња“, кои наставата ја следеле во објект од 1964 година, учебната 2016/2017 година ја почнале во нов објект, се вели во отчетот на Беличанец-Алексиќ. Новата училишна зграда има површина од 2.200 квадратни метри, 15 училници и 5 кабинети и капацитет за 600 ученици. Инвестицијата вредна 80 милиони денари е на Министерството за образование и наука. За поставување енергетска фасада во училиштето, високоенергетски прозорци и замената на кровот, УНДП доделила средства од 4,2 милиони денари.

Новото училиште „Рајко Жинзифов“, пак, беше отворено во 2014 година и вреди 4 милиони евра, средства обезбедени како дел од склучениот договор меѓу владите на Македонија и на Кина. Училишниот објект се протега на 4.500 квадратни метри, има 35 училници, 5 кабинети и игралиште од 16.000 квадратни метри.

Според отчетот, реновирано е и училиштето „Круме Кепески“ во Припор, реконструирано е училиштето „Кузман Јосифовски-Питу“ во Црниче, се реновира училиштето „Кузман Шапкарев“ во Драчево, извршени се реконструктивни зафати во „Кирил Пејчиновиќ“ и реализиран е проектот за енергетска обнова на училиштето „Круме Кепески“.

Најголем дел од овие зафати се правени со донации, најчесто од Цементарница УСЈЕ и УНДП, а дел од средствата се од општинскиот буџет.

Изградба на две повеќенаменски спортски игралишта во Драчево и во населбата Пинтија. Според најавите, предвидена беше изградба на повеќенаменски спортски сали во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“ во селото Драчево и во подрачното ОУ „Рајко Жинзифов“ во населбата Пинтија, како и изградба на тениски терен во ОУ „Кузман Шапкарев“, во населбата Драчево.

Овие проекти се реализирани во рамки на проектот „Изградба на 100 повеќенаменски игралишта“ на Агенцијата за млади и спорт.  

Реконструкција на Културниот дом во селото Драчево и изградба на нов културен центар во Кисела Вода. Во својата програма, Беличанец-Алексиќ тврди дека до 2015 година ќе создаде „современо уредено катче за културно дружење на жителите, преку преземање активности за реконструкција на културниот дом во селото Драчево“.

Било предвидено проектот да се финансира преку донации и од буџетот на Општина Кисела Вода.

Сепак, во отчетот на градоначалничката, рокот од 2015 година е продолжен за уште четири години, па сега стои нов рок, 2019 година.

Општината аплицирала во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и добила финансиска поддршка за реконструкција на киното и негова преадаптација во културен дом, што значи дека овој проект допрва треба да се реализира.  

Реконструкција и проширување на спортскиот центар Расадник во населбата Кисела Вода и изградба на спортско-рекреативен центар на игралиштето „Славија“ во населбата Пржино. Овие два проекта требало да се реализираат со јавно-приватно партнерство, но тие не се споменуваат никаде во отчетот на градоначалничката Беличанец-Алексиќ, ниту, пак, за нив е пишувано во интернет-архивите. Спортскиот центар Расадник во Кисела Вода е речиси во распаѓање и нема прозорци. Со оглед на тоа што од Општината не ни доставија конкретни одговори, може да се заклучи дека овие проекти ветени како приоритетни, не се реализирале.

Отворање детска градинка во продолжение на подрачното ОУ „Рајко Жинзифов“ и изградба на нов објект кај постојната градинка во населбата Расадник. Иако во програмата, рокот за реализација е 2014 година, градинката „Ѓурѓица“ во Припор е отворена во 2016 година. Станува збор за целосно нов објект, кој има јасли за деца до 2 години, како и три занимални за деца од 2-6 години.

„Оваа градинка претендира да биде една од најубавите градинки во Македонија, а радоста на дечињата го потврдува тоа. За само 3 години во Општина Кисела Вода се пуштени во употреба три нови градинки во Црниче и во Припор, што говори за една квалитетна посветеност на Општината во сегментот на проширување на сместувачките капацитети за малите деца“, рече тогашниот премиер Емил Димитриев.

Објектот се наоѓа на површина од 420 квадратни метри и има капацитет за 80-100 деца, а инвестицијата е на Општина Кисела Вода, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика во делот на ентериерното уредување.

За изградбата на нов објект кај постојната градинка во населбата Расадник, во отчетот на Беличанец не е споменато ништо.

Реконструкција на локални патишта. Во соработка со Владата на Република Македонија ќе се реконструираат неколку локални патишта на територијата на Општина Кисела Вода, како што се локалниот пат за Речиште во селото Драчево, локалниот пат за Пинтија кај Јабланица и локалниот пат Петар Драпшин во населбата 11 Октомври.

Локалниот пат за Речиште во селото Драчево е направен во 2013 година со средства од Европската банка за обнова и развој. За локалниот пат за Пинтија кај Јабланица, во отчетот на градоначалничката Беличанец не е споменато ништо, освен дека е асфалтирана улицата Јабланица во 2014 година, додека локалниот пат Петар Драпшин, исто така, не е споменат во отчетот, ниту, пак, во архивите на интернет, што значи дека овие приоритети се само делумно реализирани.

Развивање рекреативен центар кај месноста Три круши. Рекреативниот центар кај месноста Три круши беше најавуван уште во 2005 година. Тогаш, на надморска височина од 448 метри над селото Драчево почна да се гради културно-верски рекреативен центар, односно нова црква, крст, амфитеатар и ресторан.

Во 2013 година, Беличанец-Алексиќ, во својата програма ветува дека од 2014 до 2016 година Општината ќе подготви проектна документација за изградба на рекреативен центар кај месноста Три круши.

„Проектот ќе се реализира во соработка со приватниот сектор и во согласност со можностите на Општината. Се планира анимирање на просторот преку изградба на придружни елементи за рекреација“, се вели во програмата.

Оттогаш, за овој проект во јавноста не се споменува ништо, ниту, пак, ваков проект е ставен меѓу реализираните во отчетот на градоначалничката во 2017 година.  

Во континуитет ќе следи реализација на повеќе од 30 проекти за подобрување на патната инфраструктура во Општина Кисела Вода. Со оглед на тоа што станува збор за општ приоритет, може да се каже дека тој е делумно реализиран бидејќи во отчетот за сработеното на градоначалничката Билјана Беличанец-Алексиќ споменати се десетина реконструкции на улици во Општината, како на пример Ратко Митровиќ во Драчево, Мишко Михајловски, Марко Цепенков, улицата 345, Народни херои и други.

Општина Кисела Вода, во мандатот на Беличанец-Алексиќ предвидела дека ќе потроши 15,7 милиони евра за изградба на капитални објекти, додека потрошила само 6,6 милиони евра или околу 42 проценти.

По жител, пак, Кисела Вода за изградба на капитални објекти потрошила 115 евра.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

54.340.829

Реализиран буџет

37.273.703

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

15.757.854

Реализиран буџет

6.670.399

Задолженост на општината

1.704.450

Реализирани капитални инвестиции по жител

115

Други општини