Општина Кавадарци е една од општините што не одговорија на прашањата на БИРН и не ја искористија можноста за презентирање на реализираните приоритети од програмата на градоначалникот Александар Панов.

Тој, во 2013 година, борејќи се за втор мандат, излезе со програма од 80 страници издвојувајќи дванаесет приоритети, од кои седум не се реализирани до крајот на неговиот мандат.

Општина Кавадарци, во мандатот на Панов предвидела дека ќе потроши 9,5 милиони евра во изградба на капитални објекти, додека потрошила 4,7 милиони, што претставува 50 проценти реализација.

По жител, оваа општина, во овој период потрошила 228 евра во капитални инвестиции.

Трета индустриска зона. Формирање нова, трета индустриска зона и гасификација на Кавадарци е првиот приоритетен проект ветен во кампањата на Александар Панов во 2013 година. Рокот за формирањето на зоната е периодот меѓу 2013 и 2014 година, но нема информации дека таа е формирана.

Ветувањето за гасификацијата се базираше на плановите за вклучување на Македонија во проектот „Јужен тек“, но и на ветувањата на централната власт. Акционерското друштво Македонски енергетски ресурси, кое е во државна сопственост, во октомври 2016 година, неколку месеци пред парламентарните избори склучи договор со градежната компанија „Гранит“ за изградба на магистрален гасовод делница Неготино (Кавадарци) – Битола, во вредност од 363 милиони евра, како и договор за надзор во висина од над 3 милиони евра.

Нов деловен трговски центар. „На локацијата на сегашниот градски пазар ќе биде изграден деловен трговски центар, проект што ќе биде реализиран преку јавно-приватно партнерство, за што веќе постои и интерес,“ напиша во својата програма, градоначалникот на Кавадарци во 2013 година. Една година претходно, на прес-конференција во Кавадарци, тој рече дека се планира изградба на нов зелен пазар, стотина паркинг-места, хипермаркет, куглана, мало кино, ресторан и други содржини. Јавниот дел од проектот ќе се финансирал со 90-те милиони денари од кредитот што го доби Кавадарци, но не го искористи, додека комерцијалниот дел со помош на приватно партнерство. Според плановите, ова ветување требаше да биде остварено  до крајот на 2014 година, но овој проект не е реализиран.

Изградба на две повеќенаменски спортски игралишта. Ветувањето за изградба на две повеќенаменски спортски игралишта во ОУ „Гоце Делчев“ и кај градскиот парк е реализирано во 2014 година со средства на Општината.

Водоснабдување. Како свој приоритет за вториот мандат, градоначалникот на Кавадарци ја издвојува и комплетната реконструкција на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во Кавадарци, која беше почната во претходниот мандат. Станува збор за замена на цементно-азбестните цевки и поставување водомери со далечинско отчитување, со средства обезбедени од  кредит во висина од 661 илјада евра, кои требаше да завршат во 2014 година.

Меѓутоа, две години подоцна, во февруари 2016, медиумите пренесуваат изјава на директорот на ЈП „Комуналец“ од Кавадарци, Илија Атанасов, кој вели дека приоритет за ова јавно претпријатие е завршување на реконструкцијата на водоводната и канализациската мрежа во Кавадарци, за што ќе се позајмат средства од КФВ банката во висина од 400 илјади евра и грант, односно неповратни средства, од 250 илјади евра од државата.

Санација на фасадите на сите згради на улицата Илинденска. Ветувањето за санација на старите фасади на главната улица во Кавадарци, Илинденска, не е исполнето.

Доизградба на кејот. Продолжување на веќе реализираниот проект за изградба на кејот на реката Луда Мара до Брушански Мост, вети градоначалникот во својата програма и се обврза за реализација до 2014 година. Меѓутоа, во интервју за порталот „Телеграф“ на крајот на 2016 година, ова ветување се посочува како приоритет на Општината во 2017 година. Обврската за доизградба на кејот ја презеде Центарот за развој на Вардарски плански регион - Велес, кој склучи договор за градежни работи во јули 2017 година.

Аква-парк. Иако беше најавено дека ќе биде готов најдоцна до минатата година, Општина Кавадарци, дури во август 2017 година го објави огласот за избор на консултант, кој ќе изработи физибилити студија за оправданоста на јавно-приватно партнерство за реализација на аква-парк во рамките на градскиот базен. Во овој период, Општината успеа градскиот базен, кој се наоѓа во руинирана состојба, да го врати во свое владеење.

Нова детска градинка. Иако во приоритетите на Панов не се специфицира за која детска градинка станува збор, во деталната програма се наведуваат, всушност, неколку објекти: во селото Глишиќ, во близина на реката Луда Мара и во рамките на ОУ „Тоде Хаџи Тефов“. За сите е карактеристично дека се предвидува да бидат пуштени во употреба во 2014 година. Станува збор за ветување, кое адресира сериозна потреба на граѓаните на Кавадарци, кои се соочуваат со недостиг од градинки за своите деца.

Меѓутоа, иако ветена за 2014 година, нова градинка во Кавадарци почна да се гради две години подоцна,  во септември 2016, кога е свечено означен почетокот на градежните работи во присуство на тогашниот дополнителен заменик -министер за труд и социјала, Диме Спасов. Тој изјави дека очекува изградбата на градинката да заврши до крајот на 2017.

Патишта. Ова ветување опфаќа реконструкција и асфалтирање на повеќе патишта во Општината:

- Во 2015 година е реализирана реконструкција на локалниот пат Ладно Долче – Страгово – Крњево, која е наведена во приоритетите што ќе бидат завршени во втората половина на 2014 година. Станува збор за обнова на 6 и пол километри, која се реализира во соработка со Владата на Република Македонија преку заем од Европската банка за обнова и развој.

- Реконструкцијата на регионалниот пат Кавадарци - Мушов Гроб во должина од 16,3 км и вредност од 147 милиони денари е реализирана во предвидениот рок во 2013 година.

- Изградба на асфалтен пат Кавадарци – село Дисан, како прва фаза од директното поврзување на Кавадарци и Демир Капија требаше да заврши до 2016 година. Нема информации дали е реализирано ова изборно ветување.

- Замена на асфалтот на главните улици во градот е со рок на завршување во 2014 година, но, според јавните набавки на Општината и договорите што се склучуваат, видливо е дека реализацијата на ова изборно ветување е сè уште во тек. 

 

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

44.503.398

Реализиран буџет

34.715.965

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

9.499.691

Реализиран буџет

4.764.743

Задолженост на општината

561.851

Реализирани капитални инвестиции по жител

122

Други општини