Општина Градско, во мандатот на Жанета Чаушевска, предвидела дека ќе потроши над 1 милион евра за изградба на капитални објекти, а потрошила околу 756 илјади евра, односно 69 проценти.

По жител, пак, Општина Градско за изградба на капитални објекти потрошила 212 евра.

Веб-страницата на Општина Градско е мошне оскудна па тешко можеше да се најдат детали за реализираните и нереализираните проекти кои градоначалничката Жанета Чаушевска ги ветила во 2013 година.

Во својот Отчет во 2017 година, Чаушевски вели дека „Градско е општина голема по територија, а мала по жители и дека има многу инфраструктурни проблеми, а малку средства“. 

На веб-страницата на Општината не можат да се најдат информации за граѓаните, а делот „општински услуги“ стои празен. БИРН се обрати по електронски пат до Општина Градско за да добиеме информации колку од приоритетните проекти се реализирани, а оттаму добивме кратки одговори за она што е реализирано, додека за она што не е реализирано, немаше дополнително известување.

Па така, од Општината информираат дека во целост се завршени следните проекти, кои биле најавени како приоритетни во 2013 година, кога Чаушевска ја добива довербата од граѓаните:

Доградба на систем за водоснабдување во Градско. Според градоначалничката, со цел подобрување на водоснабдувањето во Градско направени се 2 нови каптажи во атарот на селото Горно Чичево и сменети се 2000 м од застарениот цевковод.

Асфалтирање улици во Градско, како и во поголемите населени места. Во отчетот пред медиумите, Чаушевска вели дека во општинскиот центар Градско асфалтирани се 6 улици, во вкупна должина од 1.050 метри. Во селото Ногаевци асфалтирани се 950 метри улици, реализирано е партерно уредување на централното подрачје со поставување видиковци, урбана опрема, патеки и комплетно осветлување, додека во с. Виничани почната е изградба на улица во должина од 150 метри и партерно уредување на централното подрачје, а се очекува да бидат завршени во периодот до мај 2017 година.

Останатите приоритети, кои според Општината се завршени, се:

Реконструкција на простории наменети за детска градинка;

Реконструкција на дел од водоводната мрежа во селото Ногаевци;

Доизградба на повеќенаменско спортско игралиште;

Утврдување локации за нови индустриски зони во Градско и во поголемите населени места с. Виничани и с. Ногаевци. 

Според достапните информации, санацијата на мостот во селото Уланци воопшто не била почната, иако е ставена како приоритет, исто како и реконструкцијата на системот за наводнување во село Виничани, за кое има изработено само основен проект.

Не е реализирана ниту доградбата на четири нови училници за зголемување на просторниот капацитет на ОУ ,„Даме Груев“, со цел организирање едносменско работење, бидејќи, како што тврдат од Општината, не се јавила потреба за негово реализирање. Според Чаушевска, направена е термоизолациона фасада на училиштето и партерно уредување на училишниот двор со мини повеќенаменско игралиште, детско игралиште, видиковци, патеки и осветлување на просторот.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

3.915.304

Реализиран буџет

3.414.319

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

1.094.583

Реализиран буџет

756.019

Задолженост на општината

494.235

Реализирани капитални инвестиции по жител

212

Други општини