Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, од редовите на ДУИ го завршува вториот мандат и најавува кандидатура за трет. Во својата изборна програма, Бејта се фокусира на урбанизацијата на Општината, подобрување на снабдувањето со вода на граѓаните и изградба на канализации. Освен тоа, предвидел изградба и реконструкција на патишта и изградба на спортски сали и терени.

Градоначалникот Бејта до БИРН достави најдетален отчет за својата работа во последните четири години. Речиси целосно ги има остварено своите ветувања, а има реализирано и проекти што не биле ветени во изборната програма.

Од планираните 9,1 милиони евра за изградба на капитални проекти во Општина Гостивар, потрошени се  5,9 милиони или 71 евро по жител.

Промена на ГУП за Гостивар. Првиот приоритет на гостиварскиот градоначалник била измената и дополнувањето на Генералниот урбанистички план за градот Гостивар и изготвување урбанистички планови за сите населени места во Општината. Ваквото ветување го исполнил целосно. Генералниот урбанистички план во 2016 година е усвоен во Советот на Општината, а потоа се донесени и детални урбанистички планови за 17 населени места во градот и околните села.

Водоснабдување. Обезбедување редовно снабдување со вода за пиење за сите жители на Општина Гостивар е вториот приоритетен проект на Бејта. Во рамки на ова ветување, тој за четири години реализирал 20 проекти за изградба и реконструкција на водоводни системи, од кои 16 се веќе завршени, три се во тек на реализација, а за уште толку проекти се очекува да почне изведбата на работите бидејќи се обезбедени финансиските средства.

Од 20 проекти, 12 се реализирани во градот, кои претежно се однесуваат на одржување и реконструкција на водоводната мрежа, додека другите проекти се однесуваат на реконструкција и изградба на водоводи во околните села. Бејта тврди дека, освен реализираните проекти и тие што се во тек, претстои реализација на проектот СЕЦО, финансиран од Германската банка и од Швајцарската агенција за развој, во висина од 442 милиони денари, во рамки на кој треба да се изградат уште 14 нови водоводни линии, замена на цевките на три линии, изградба на три нови резервоари за вода и седум разни набавки за потребите за оддржување на водоводниот систем.

Канализација. Во врска со изградбата на нови канализации во 13 населени места, Бејта тврди дека за четири години има реализирано вкупно 25 проекти, од кои најголем дел во гостиварските села. Изградена е фекална канализација за селата Долна Бањица, Равен, Вруток, Чегране, Дебреште, Бањица и Здуње, додека другите проекти се интервенции за одржување и реконструкција на градската канализациска мрежа.

Локални патишта. Освен изградба на водоводи и канализации, Бејта во изборната програма има ветено и изградба, проширување и реконструкција на локални патишта, од кои најбројни се патиштата во руралните средини. Според деталниот отчет на Општината, произлегува дека за четири години, градоначалникот има спроведено над 110 одделни проекти за подобрување на патната инфраструктура, од кои речиси половина се однесуваат на изградба, проширување и за реконструкција на локални патишта, како и бетонирање на селските улички и тротоари.

Проекти за подобрување на патната инфраструктура се изведени во речиси сите околни села, како што се: Чегране, Долна и Горна Бањица, Дебреште, Млаки, Мало и Големо Турчане, Симница, Форино, Балин Дол, Лакавица, Речане, Здуње, Ѓенович, Палатишта, Тумчевиште, Вруток. Реализирани се и проекти за одржување и асфалтирање на градските улици.

Спортски терени и сали. Изградбата на спортски терени и сали е последното ветување на Бејта на  локалните избори. Во програмата предвидел изградба на спортски сали и терени во селата Дебреште, Вруток, Балин Дол и Здуње. Од Општината информираат дека се реализирани над 30 проекти за изградба на спортски терени и спортски сали, како што се терените во селото Тумчевиште и Здуње. Спортски терени добиле и селата Мало Турчане, Чегране и Речане, додека најголемиот дел од проектите од овој вид биле реализирани во градските населби.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

64.807.480

Реализиран буџет

57.050.361

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

9.613.919

Реализиран буџет

5.973.411

Задолженост на општината

1.373.829

Реализирани капитални инвестиции по жител

72

Други општини