Поголем дел од проектите најавени во предизборната програма на Сокол Митровски се завршени или, пак, при крај, меѓутоа треба да се спомене дека продолжувањето на Партизанска и кружните текови во Влае и кај црквата „Св. Петар и Павле“ се проекти на Град Скопје, со кој се фали и самиот Коце Трајановски.

Сепак, кружниот тек што е на улицата Ѓорче Петров не е направен.

Градинката во Дексион, дополнителниот објект во училиштето во Хром, како и неколку инфраструктурни проекти се реализирани, меѓутоа шесте нови училници во училиштето „Тихомир Милошевски“ почнале да се градат дури годинава.

Што се однесува околу ветувањата за легализација и донесување ДУП-ови, во тој дел може да се каже дека е мошне сработено.

Општина Ѓорче Петров, во мандатот на градоначалникот Сокол Митровски предвидела 7,2 милиони евра за капитални инвестиции, од кои потрошила 3,6 или 50 проценти, односно 85 евра по жител за капитални објекти.

Продолжување на Партизанска. Градоначалникот Сокол Митровски, во својата предизборна програма, како прв приоритет ја стави доградбата на булеварот Партизански одреди од крстосницата кај Порта Влае до булеварот Македонска војска. Рокот за реализација на ова ветување беше декември 2014 година, иако со одредено задоцнување, сепак, Партизанска е продолжена за 500 метри.

Продолжувањето на Партизанска чинело околу 650.000 евра, а најголемиот дел од парите близу 610.000 ги обезбедил Град Скопје.

На овој нов дел од Партизанска сѐ уште стои табла, на која пишува дека продолжувањето на булеварот е инвестиција на Град Скопје.

Градинка во Дексион. Ветено беше дека до декември 2016 година ќе се изгради детска градинка во населбата Дексион, и ова ветување е реализирано во октомври истата година.

Општината и Министерството за труд и социјална политика инвестирале околу 200.000 евра за да се преадаптира дел од училиштето „Гоце Делчев “ и сега во објектот може да се сместат 120 деца.

Претходно, градинката била сместена во бараки стари 50 години.

Училиште во Хром. Ветено беше дека до декември 2013 година, со помош на владата, Општина Ѓорче Петров ќе изгради дополнителен објект на основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром.

Речиси две години подоцна од предвидениот рок, сепак, новиот објект е направен и во него се одвива настава до петто одделение. Целиот проект чинел нешто помалку од половина милион евра и во него настава може да посетуваат околу 260 деца до петто одделение.

Надградба на ОУ „Тихомир Милошевски“. Приоритет во програмата на Сокол Митровски беше и надградбата на ова основно училиште до декември 2015 година, меѓутоа овој проект не е реализиран.

Имено, во февруари 2017 година, од Министерството за образование информираа дека шесте нови училници, трпезаријата и помошните простории ќе почнат да се градат во оваа година. Проблемот е што во ова училиште, повеќе од 500 ученици посетуваат настава во три смени, а со доградбата ќе може учениците да посетуваат кабинетска настава.

Локален пат. Дел од приоритетите во програмата на Сокол Митровски е и изградба на локален пат Лука Геров до клучката кај Стопански Двор, во должина од 1,2 километри и, според отчетот на ВМРО-ДПМНЕ од 2016, овој проект е завршен.

Проектот чини повеќе од половина милион евра и е направен со поддршка од владата и од Агенцијата за државни патишта.

Легализација. Митровски, пред изборите вети дека ќе го заврши процесот на легализација на бесправно изградени објекти, меѓутоа во неговиот отчет пишува дека од вкупно 12.162 барања за легализација изработени се и издадени 6.550 решенија за утврдување правен статус на бесправни објекти.

ДУП-ови. Митровски вети дека во периодот од 2013 до 2016 година, Општината ќе ги изработи ДУП за сите МЗ и УЗ.

Судејќи според веб-страницата на Општина Ѓорче Петров, до ноември 2016 година усвоени се 54 урбанистички планови, без конкретна информација дали дел од овие биле усвоени во претходниот мандат на Митровски, меѓутоа, она што е поважно е дека заклучно со 6 септември оваа година, сѐ уште има ДУП-ови во постапка.

Канализација. Градоначалникот Сокол Митровски, во неговата предизборна програма вети фекална канализација во селата Волково, Волково - Пржина, Кисела Јабука и во Стопански Двор до 2016 година, меѓутоа, судејќи според објавите во медиумите, жителите на овие села сѐ уште користат септички јами.

Имено, во октомври 2016 година, медиумите јавија дека со пари од Министерството за транспорт и врски ќе се гради оваа канализација и дека ако сѐ оди според планираното, проектот ќе биде завршен на почетокот од 2018 година.

Проектот ќе чини нешто повеќе од милион евра.

Пречистителна станица. Градоначалникот Митровски вети дека до крајот на 2016 година ќе ја доврши пречистителната станица во с. Ново Село и според неговиот отчет пред медиумите, овој проект е завршен.

„Со овој проект се елиминирани околу 6 илјади септички јами, кои претставуваа еколошка бомба за почвата“, рече Митровски за време на неговиот годишен отчет во јануари 2017 година.

Проектот чини околу шест милиони евра, и покрај Општината, пари за него одвоиле и владата и Град Скопје.

Кружен тек. Дел од приоритетните проекти на градоначалникот Сокол Митровски беше и изградбата на кружен тек на улицата Ѓорче Петров и улицата Македонска војска до 2016 година, меѓутоа на тоа место денес сѐ уште има раскрсница.

Во меѓувреме, на раскрсницата поставени се семафори, меѓутоа официјално нема најава дали воопшто и кога ќе се изгради овој кружен тек.

Општинска зграда. Приоритет за Митровски, во неговиот четиригодишен мандат беше и изградбата на нова општинска зграда и според она што може да се види на терен е во завршна фаза.

Всушност, доцни изградбата на целиот трговски центар „Емпорио“, во чиј склоп треба да се пресели општинската администрација. Со договорот за јавно-приватно партнерство со фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан,  „Емпорио“ требаше да биде готов летото 2016 година, а од Ѓорче Петров најавуваа дека новата општинска зграда ќе биде функционална во првата половина на 2017 година.

Како што јавува порталот „Билд“, општинската зграда од 3.600 квадратни метри е веќе изградена и општинската администрација во наредниот период ќе треба да ја опреми зградата со канцелариски мебел.

Доцни партерното уредување на околниот простор, заедно со пристапната улица до подземниот паркинг за 350 возила.

Кружен тек на Партизанска. Во предизборната програма на градоначалникот Митровски беше ветен кружен тек на бул. Партизански одреди кај Порта Влае и ова ветување, со мало одолжување од половина година, е исполнето. Кружната сообраќајница е пуштена во употреба во мај 2015 година.

Кружниот тек е најголемиот во Скопје, има дијаметар од 40 метри, коловоз со ширина од девет метри и заштитна патека од 1,5 метри. Финансиски, овој проект е дел од продолжувањето на Партизанска, кое чинеше околу 870.000 евра, пари кои во најголем дел ги обезбеди Град Скопје.

Рекреативна патека. Градоначалникот Митровски, пред изборите, вети дека со рекреативна патека ќе ги поврзе Хром и Нерези, меѓутоа ниту во отчетот, ни на општинскиот сајт, ниту, пак, во медиумите има некаква информација во врска со овој проект.

Изградба и реконструкција на улици. Пред изборите, градоначалникот Митровски вети дека Општината до 2017 година ќе изгради и ќе реконструира 30 улици во урбаниот и во руралниот дел на Ѓорче Петров.

Во отчетот, во делот Изградени и реконструирани улици има набројано вкупно 17 улици.

Водовод Никиштани. Ветено беше дека Општината ќе изгради водоводна мрежа во селото Никиштани до 2014 година и ова ветување, според отчетот на Митровски, е реализирано, меѓутоа во медиумите може да се провери дека реализацијата на овој проект почнала дури две години подоцна од ветеното.

 

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

29.578.683

Реализиран буџет

23.175.002

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

7.214.214

Реализиран буџет

3.600.066

Задолженост на општината

0

Реализирани капитални инвестиции по жител

85

Други општини