Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, во својот четиригодишен мандат не реализирал неколку големи ветувања.

Денес ги нема ветените нов плоштад, спортска сала со капацитет од 3.000 гледачи, браната на реката Колска и индустриската зона „Билото“, од друга страна, зелениот пазар е во завршна фаза, како и пречистителната станица, додека другите приоритети – одводи и канализации се завршени и функционираат, а реновирани се и покривите на градинките и фасадите на училиштата, кои беа ветени во предизборието.

Општина Гевгелија, во мандатот на градоначалникот Франгов предвидела 15,3 милиони евра за изградба на капитални објекти, од кои потрошила 6,1 или речиси 40 проценти. Општината инвестирала 269 евра по жител во капитални објекти.

БИРН го контактираше Франгов и писмено побара информација до каде е реализацијата на приоритетните ветувања од неговата изборна програма, меѓутоа Франгов не одговори на нашите прашања, иако вети дека ќе го стори тоа.

Плоштад. До 2015 година, Гевгелија требаше да добие градски плоштад, кој ќе се простира на 5.000 квадратни метри, заедно со подземна гаража, која, пак, би го решила проблемот со паркирање во градот. Овој проектот не е реализиран.

Во отчетот на Франгов нема никаква информација за овој проект, додека сајтот „Вистиномер“, пак, информира дека дури минатата година Општината одвоила пари за идеен и основен проект за плоштадот.

Зелен пазар. Пред изборите беше ветено дека до средината на 2013 година ќе се изгради една од трите хали на новиот пазар, заедно со дваесетина дуќани, додека во втората фаза ќе се гради супермаркет, со што во 2015 година гевгеличани би имале целосно нов зелен пазар. Според отчетот на Франгов, овој проект е почнат, но две години по крајниот рок сѐ уште не е готов

„Изградени се челичната конструкција, подната плоча, паркинг-просторот, оградата, а наскоро пазарот целосно ќе се покрие и ќе се пушти во употреба. Во склоп на комплексот се градат и 24 дуќани, со кои целосно ќе се комплетира овој проект“, стои во отчетот на Франгов.

Дека овој проект бавно се одвива, реагираше и СДСМ.

„Единствената работа што ја ветија и ја почнаа беше преместувањето на градскиот пазар. Но, толку долго го градат новиот пазар, што по сѐ изгледа дека овој пазар ќе влезе во Гинисовата книга на рекорди, како најдолго граден пазар во светот. Ветено - ќе видиме дали и кога ќе се оствари“.

Предвидено е проектот да чини околу  милион и 300.000 евра, и тие пари да се обезбедат од буџетот на Гевгелија.

Нова зграда за Факултетот за туризам. Дел од предизборната програма на Франгов е и преселба на Факултетот за туризам во нова зграда и ова ветување е остварено, барем според тоа што го објавиле медиумите.

Факултетот, кој формално е дел од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, е сместен во реновиран објект на поранешната фабрика „Алатница“.

Спортска сала. Градоначалникот Франгов им вети на гевгеличани дека до 2017 година ќе имаат спортска сала со капацитет од 3.000 гледачи, меѓутоа при крајот на неговиот мандат ова ветување останува нереализирано.

За спортската сала нема ниту збор во отчетот на градоначалникот, додека во една пригода, лани во 2016 година, Франгов изјавил дека салата сѐ уште е цел на Општината, а опозициската партија на локално ниво, СДСМ реагираше дека проектов влегува во категоријата ветено-неостварено.

Пречистителна станица. Едно од предизборните ветувања е и пречистителна станица, која ќе ги пречистува фекалните води што одат во реката Вардар. Станицата, според најавите, требаше да биде готова во 2015 година, меѓутоа, иако на неа се работи, сепак објектот не е готов.

Во отчетот на градоначалникот пишува дека изградбата на 9,7-милионскиот проект е во завршна фаза, а парите се обезбедени од грчката и од македонската влада и од Швајцарската агенција за развој СЕКО.

Одводен канал. Франгов вети завршување на проектот „Рауљ“ - одводен канал со кој Гевгелија ќе се заштити од поплави и, според, општинскиот отчет, каналот во должина од еден километар е изграден и функционира.  

Проектот чинел околу 300.000 евра, пари обезбедени од ИПА-фондовите.

Брана. Ветувањето беше дека до 2017 година ќе се изгради браната на реката Конска, која ќе обезбеди вода за наводнување во Гевгелија и во Богданци и која ќе го надополнува Дојранско Езеро, меѓутоа овој проект е далеку од својата реализација.

Во отчетот на градоначалникот стои дека во тек се подготовките за браната, најдена е фирма-изведувач, турската „Адали холдинг“ и издадено е одобрение за градба.

Проектот чини близу 40 милиони евра и е финансиран од владата.

Реновирање на средното училиште. Франгов вети дека до 2014 година ќе догради 14 училници во средното училиште „Јосиф Јосифовски“ и учениците ќе можат да посетуваат настава само во една смена, ќе го смени старото парно и ќе ја зголеми енергетската ефикасност на објектот, меѓутоа од сето ова, во отчетот на градоначалникот има само информација дека на училиштето е поставена термофасада.

Нема податоци дали се изградени нови училници и дали учениците сега одат на настава само во една смена и дали е променето парното.

Реконструкција на азбестни покриви на градинките. Предизборно ветување беше и замената на азбестот во покривите кај детските градинки, кое, според отчетот на градоначалникот Франгов, е реализирано.

Фасадирани се и заменети се азбестните кровови на детските градинки во Гевгелија, Негорци и во Миравци, проект кој ја чини општинската каса околу 14.000 евра.

Индустриска зона. Во близина на автопатот Е-75, до 2015 година предвидена беше индустриската зона „Билото“, која ќе се простира на 90 хектари, а Франгов вети дека таму ќе влезат фабрики што ќе отворат најмалку 500 работни места, меѓутоа, ако се суди според објавите во медиумите, овој проект е во почетна фаза.

Во отчетот на Франгов нема ништо за ова ветување, додека во медиумите може да се прочита дека дури во април 2017 година бил промовиран урбанистичкиот план на зоната.

Проектот беше проценет на 2 милиони евра, пари од општинската каса.

Канализации. Приоритетен проект според градоначалникот Франгов во 2013 година била и изградбата на нови фекални канализации во селата Прдејци и Мрзенци, а  според неговиот отчет, тие се направени и функционираат.

Двете нови канализации вредат по околу 260.000 евра, пари што Општината ги обезбедила од Министерството за транспорт и врски и од Европската инвестициона банка.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

38.904.951

Реализиран буџет

24.426.959

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

15.348.645

Реализиран буџет

6.127.171

Задолженост на општината

1.829.239

Реализирани капитални инвестиции по жител

269

Други општини