Секторот за односи со јавност на Општина Гази Баба е еден од ретко активните сектори на локалните самоуправи. Од таму до медиумите често стигнуваат соопштенија, најчесто деманти на СДСМ или промоција на активности, а редовно се ажурира и фејсбук-страницата на градоначалникот со фотографии од манифестации, активности, но и од предизборни агитации во полза на ВМРО-ДПМНЕ. 

И покрај неколкуте обиди на БИРН, не добивме одговор на  прашањата дали и до каде е реализацијата на проектите наведени како приоритетни во изборната кампања на градоначалникот Тони Трајковски.

Карактеристично за нив е што некои, дадени во кампањата на локалните избори во 2013 година, се јавуваат како ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и три години подоцна на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. Исто така, Гази Баба е една од општините кај кои реализацијата на проектите се одвива во тесна соработка и со финансиска поддршка на централните власти.

Општината под водство на Трајковски во овој мандат предвидела дека ќе потроши 16,2 милиони евра, а потрошила 7,5 милиони, што претставува околу 46 проценти реализација.

По жител, оваа Општина, во овој период потрошила 97 евра во капитални инвестиции.

Изградба на нова општинска зграда. Во приоритетните ветувања на Трајковски на изборите во 2013 година, како прва е наведена изградбата на нова општинска зграда. Карактеристично за ова изборно ветување е што на конкурсот за идејно решение е избрано решението во неокласичен стил на архитектот, кој е еден од најзастапените автори на објектите од „Скопје 2014“, Жарко Чаушевски и неговата фирма „Архитектоника“. Новата општинска зграда требаше да биде изградена до 2017 година, но дури во декември пред парламентарните избори во 2016 година е потпишан договор со „Архитектоника“ за изработка на комплетен основен проект.

Нов училиштен објект во ОУ „Вера Јоциќ“. „До јуни 2016 година, во соработка со Министерството за образование и наука ќе биде изграден нов училиштен објект во ОУ „Вера Јоциќ“, во населбата Хиподром“, вети во 2013 година, во својата програма, актуелниот градоначалник Трајковски. Училиштето не е изградено во ветениот рок. Истото ветување, три години подоцна го дава и Спиро Ристевски, во улога на заменик-министер за образование и наука, во рамки на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори.  

Објектот почна да се гради на 27 мај 2017 година, а најавите се дека ќе биде готов за една година. Новото училиште, кое ќе биде енергетски ефикасно, ќе се гради на површина од 2.150 квадратни метри и ќе се состои од приземје и кат.

Ново училиште „Глигор Прличев“. Новото основно училиште во населбата Железара требаше да биде готово до 2014 година, но пуштено е во употреба една година подоцна, во присуство на градоначалникот Трајковски и тогашниот премиер Никола Груевски, кој изградбата на ова училиште ја претстави како проект на централната власт.

„Од 2006 година до денес имаме изградено 70 нови училишта, а 350 објекти се опфатени со реконструкција и санација. За оваа намена се инвестирани 2,56 милијарди денари“, рече тогаш Груевски.

Фискултурни сали во ОУ Вера Јоциќ и ОУ Кирил и Методиј“. Овој приоритетен проект од локалните избори во 2013 година останува изборно ветување и на предвремените парламентарни избори во 2016 година. Според програмата, на локалните избори фискултурните сали во училиштата во Хиподром и во Стајковци требаше да бидат готови во 2017 година, но тендерот е распишан дури во мај 2017 година, кога е склучен и договорот за изградба. Се предвидува изградбата да заврши за 13 месеци.

Нова зграда за ОУ „Крсте Мисирков“. Ветувањето за нов објект на основното училиште во населбата Ченто  не е реализирано. Тоа е содржано и во предизборната програма на кандидатот за градоначалник, Тони Трајковски, во 2013, и во програмата за парламентарните избори во 2016 година на ВМРО ДПМНЕ.

Спортска сала во населба Ченто. Новата спортска сала во близина на ОУ „Крсте Мисирков“, во населбата Ченто е пуштена во употреба со задоцнување од две години. Имено, според изборната програма, таа требаше да биде завршена во периодот меѓу 2013 и 2014 година. Нејзината изградба е поддржана со средства од Агенцијата за млади и спорт. На отворањето во февруари 2016 година присуствуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски, владини министри, како и градоначалниците на Скопје и на Општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски.

Нова детска градинка во Стајковци. „Изградба на нова детска градинка во населеното место Стајковци, со што ќе се овозможи поголем капацитет за сместување на децата во предучилишни установи, при што ќе ја подигнеме нивната ресоцијализација на повисоко ниво“, е наведено во програмата на кандидатот за градоначалник на Гази Баба на изборите во 2013 година. Нова детска градинка во Стајковци не е изградена.  И ова предизборно ветување е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори во декември 2016 година.

Изградба на фекална канализација. Во период од 2013 до 2017 година е ветена изградба на фекална канализација за населените места: Ергеле, Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери, Колонија, Идризово, Дрма, Црешево, Смилковци, Булачани, Виниче, Раштак, Брњарци и Страчинци.

Ова е заеднички проект на Град Скопје, Владата и на Општина Гази Баба, беше соопштено на почетокот на првата фаза во 2013 година. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, тогаш рече дека на целиот проект ќе се работи три години и дека во првата фаза фекална канализација ќе добијат населените места Трубарево, Гоце Делчев и Јурумлери, а во втората - Идризово, Дрма и Ергеле.

„ За изградба на новата фекална мрежа, за сите овие населени места ќе вложиме околу 50 милиони денари, 19 милиони денари од Град Скопје, 2 милиони денари од Владата, а другите средства ќе ги обезбеди Општина Гази Баба“, рече Трајковски во ноември 2013 година.

Меѓутоа, според информации од официјалната страна на општината, проблемот со канализацијата во Трубарево сè уште не е решен.  Во август таму се работеше на поставување примарна и секундарна мрежа. Притоа, изградбата на канализацијата е на товар на Општината, додека за секундарната мрежа, освен општината, со свои средства се вклучени и самите жители.

Асфалтирање на приоритетните улици. Според отчетот на градоначалникот Трајковски, на почетокот на годинава, само во текот на 2016 година се асфалтирани 55 улици во Општина Гази Баба, во должина од 18 километри. Приоритет биле улиците погодени од катастрофалните поплави, кои се обновени со финансиска помош на Градот. Трајковски најави и дека во текот на годинава ќе бидат асфалтирани уште 80 улици.

Подобрување на водоснабдувањето. Ова предизборно ветување, во рамките на локалните избори во 2013 година, беше содржано и во програмата на кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба и на кандидатот за градоначалник на Град Скопје. Коце Трајановски најави дека ќе се изработи „цевковод од Агросервис до резервоарите во Ченто и изградба на нови резервоари, со што ќе се реши проблемот со водоснабдување за наредните 40 години.“

Во својот отчет, во јануари 2017 година, градоначалникот на Гази Баба вели дека „по невремето, комплетно се санираа водоводните мрежи во Брњарци и Страчинци“ и дека продолжи „изградбата на водоводните мрежи во населените места Раштак, Булачани, Јурумлери, Хиподром 2“.

Истовремено, тој најави  дека ќе продолжи „изградба на водоводна мрежа и во Булачани, Раштак, Брњарци, како и подобрување на водоснабдувањето во Железара, а во соработка со Град Скопје ќе се работи на подобрување на водоснабдувањето во населбата Ченто.“

Според податоците на БИРН, Општина Гази Баба, во периодот 2013 – 2016, планирала да потроши 16 милиони евра на капитални проекти, но потрошила помалку од половина, само 7,4 милиони. Локалната самоуправа реализирала капитални проекти во висина од само 97 евра по жител.

 

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

60.052.618

Реализиран буџет

41.982.019

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

16.159.154

Реализиран буџет

7.446.744

Задолженост на општината

1.878.663

Реализирани капитални инвестиции по жител

97

Други општини