Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов од ВМРО ДПМНЕ, во 2013 година има најавено девет приоритетни капитални проекти. Поголемиот дел се реализирани, но големите проекти, како ветените пазари или пумпните станици, не се остварени. Одговорноста за нив се префрла на други субјекти, иако градоначалникот ги навел како свои приоритети.

Оваа општина има и многу низок процент на реализирани капитални инвестиции во рамките на предвидените во општинскиот буџет. Имено, само една четвртина од парите планирани за инфраструктурни проекти навистина завршиле за таа намена.

Интернет-страницата на Општината не ги задоволува основните принципи на транспарентност и очетност. Дури недостасуваат и промотивни текстови за завршени проекти, а одговорите на прашањата што БИРН ги доби од градоначалникот се минимални - во смисла „реализирано“ или „не е надлежност на Општината“.

Сепак, на почетокот на септември стана јавно достапен Отчет за мандатот на Стамов од 2013 до 2017 година. Иако отчетот како форма е вообичаено да го претстави реализираното, во овој случај, во многу наврати, особено во контекст на приоритетите се наведени ветувања без јасна назнака дека се работи за ветувања и без воопшто да се каже дали станува збор за реализирани проекти или, пак, во која фаза се.

Општината под водство на Стамов во овој мандат предвидела дека ќе потроши 3,5 милиони евра, а потрошила 890.000 евра, што претставува околу 26 проценти реализација.

По жител, оваа Општина, во овој период потрошила 268 евра во капитални инвестиции.

Формирање на индустриска зона „Дојран“. Нема официјални информации или медиумски извештаи за отворањето, но, според Општината и Отчетот, проектот е реализиран и веќе обезбедиле бројни најави за инвестиции.

Изградба на пешачка патека Нов Дојран - Стар Дојран. Проектот е реализиран.

Уредување на „Пазариште“ - градски пазар и поддршка за изградба на „Рибен пазар“. Ова клучно ветување не е реализирано. Според Општината, работите се во тек, но на терен работите се во застој поради тоа што е раскинат договорот со изведувачот поради незапазување на рокот за изведба. Рибниот пазар, пак, не е ни во почетна фаза. Специфично е што во Отчетот, првата точка за која се зборува е токму овој пазар, но со користењето општи формулации не се кажува дека проектот е нереализиран, туку се добива сосема спротивен впечаток.

Изградба, набавка и монтажа на пумпи за новиот систем за Дојранско Езеро Паљурци. И овој проект е наведен во отчетот со формулација која е во форма на ветување, односно се зборува за пумпите во идно време и не се наведува дали тој е реализиран или не. На барањето на БИРН за дополнителни информации, градоначалникот се прогласи за ненадлежен, иако станува збор за едно од неговите приоритетни ветувања. Овој проект е клучен и проблемите со надлежноста продуцираа уште поголеми проблеми. Имено, Паљурци, како и земјоделските посеви годинава, останаа без вода поради нефункционирањето на пумпите. Општина Дојран, односно градоначалникот Стамов, кој во предизборниот период во 2013 година ја ветил реализацијата, одговори дека овој проект е во надлежност на МЖСПП.

Изградба на мини-плоштади во населените места во Николиќ, Фурка и во Црничани. Според Општината, овој проект е реализиран.

Поврзување на водоснабдителниот систем со хидросистемот Ѓавато, изградба на шахти за мерно регулациска опрема за водоснабдителен систем на Нов и Стар Дојран и реконструкција на водоводната мрежа во градот Дојран и во населените места. Од Општината велат дека ова ветување е реализирано, иако тоа не е наведено во отчетот.

Реконструкција на улици во Нов Дојран, Стар Дојран и во Николиќ, Фурка и во Црничани. Од Општината велат дека ова ветување е реализирано.

Реконструкција на локалниот пат за селото Црничани (од Р604 - Р611) втора фаза. Според информациите од Општината, проектот е реализиран.

Отворање детска градинка во Нов Дојран. Новата градинка е отворена во ноември 2014 година, во рамките на предвидениот рок. Реализацијата на ова ветувањето е дел од проектот на Владата за отворање 14 градинки низ Македонија до крајот на истата година.

Изградба на спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Нов Дојран и две повеќенаменски спортски игралишта во селата Фурка и Николиќ. За училишната спортска сала потпишан е договор со МОН, но градбата не е почната. Спортските игралиштата се изградени, а тие се дел од проектот - „100 повеќенаменски маалски игралишта“ на Владата и на Агенцијата за млади и спорт.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

9.144.324

Реализиран буџет

4.058.235

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

3.498.553

Реализиран буџет

892.496

Задолженост на општината

7.089

Реализирани капитални инвестиции по жител

268

Други општини