Градоначалникот на Општина Демир Хисар, Љупчо Блажевски, во својот отчет за сработеното во мандатот 2013-2017 година, објавен во август годинава, ги истакна десетте проекти што им ги ветил на граѓаните како најприоритетни, и за голем дел од нив рече дека се реализирани, а дел дека се почнати и се во тек, но и дека остварил повеќе од ветеното.

„Од најавените и ветени 83, во период од 4 и пол години, реализирани се 103 проекти, што е 20 проекти повеќе, или месечно сме реализирале по 2 проекти. Нивната вкупна вредност изнесува околу 200 милиони денари, односно околу 3 и пол милиони евра, или 7-годишни буџети на Општина Демир Хисар“, истакна Блажевски.

Податоците на БИРН, пак, покажуваат дека Општина Демир Хисар, за инвестиции во градежни објекти, за период од четири години, планирала речиси 1,5 милион евра, меѓутоа, според завршните сметки, инвестирала само 562 илјади евра, односно 38,1 проценти од предвидените пари. Тоа значи дека само 7,7 проценти од вкупно потрошените пари за четири години биле вложени во градежни објекти. Ова е една општините со најмалку капитални инвестиции по жител, од само 67,1 евра.

Санација на регионален пат. Проектот за санација на најоштетениот дел од регионалниот пат - врска Р - 512 Демир Хисар - Света - Бела Црква - Обрешани - Галичани - Прилеп, со рок на реализација во 2013-2014 година, според градоначалникот е реализиран и граѓаните сега возат по нов асфалт. Од советничката група на СДСМ, пак, велат дека сѐ уште има дупки по овој регионален пат на одредени места и санацијата не е целосно завршена.  

Реконструкција на водоводна мрежа. Овој проект, кој опфаќа реконструкција на водоводната мрежа во селата Слепче, Стругово и Сопотница, со рок на реализација до декември 2014 година, според Блажевски, е завршен. Изграден e нов потисен цевковод и нов резервоар во Слепче, реконструирана e водоводната мрежа во Стругово и изграден е нов водовод во Сопотница. Советниците на партијата СДСМ, која е опозициска во оваа Општина, тврдат дека не бил изграден нов базен во Сопотница, туку останал стариот, кој е изграден пред повеќе од 50 години.

Реконструкција на пумпи за вода. Проектот со кој е предвидена реконструкција на пумпи и на автоматика во бунарски постројки и препумпна станица во селата Граиште и Мургашево, според градоначалникот, е реализиран.  Блажевски вели дека „пумпите се набавени, монтирани, инсталирани и работат со полн капацитет“.

Изградба на едно повеќенаменско спортско игралиште во ОУ „Гоце Делчев“. Со неколку месеци задоцнување, во мај 2015 година е пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во рамки на основното училиште „Гоце Делчев“ во Демир Хисар. Ова е дел од проектот на владата за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ земјата. Рокот за негова реализација беше септември 2014 година.

Реконструкција на градскиот фудбалски стадион. Градоначалникот Блажевски вели дека реконструкцијата на градскиот стадион е готова и „сега се чекаат новите фудбалски надежи во Демир Хисар“, додека од СДСМ, која е опозициска во оваа Општина, тврдат дека, сепак, дел од реконструкцијата не е докрај завршена. Според последната вест на општинската веб-страница од јуни 2017 година, работите на стадионот се во завршна фаза, односно се поставува расветлувањето, и дека ако се продолжи со истата динамика, сѐ ќе биде завршено за дваесетина дена. Рокот за реализација на овој проект беше  2013-2014 година.

Асфалтирање улици во селата Слоештица, Сопотница, Демир Хисар и Слепче. Блажевски вели дека се асфалтирани дел од улиците во Слоештица и во Демир Хисар, а „поради презафатеност на градежните оперативи, претстојат дополнителни активности за санирање улици во Сопотница и во Слепче“, поради што овој проект со рок на реализација до 2015-2016 година е делумно реализиран.

Решенија за институционална поддршка за ревитализација на системот за наводнување и стопанисување со микроакумулациите Суводол 1 и 2 и Стругово. Проектот е сѐ уште во тек, а, според Блажевски, тој се реализира со системски решенија, кои ги подготвува новоформираното јавно водостопанско претпријатие.

Реновирање училишни згради. Поддршка на проекти за подобрување на енергетската ефикасност во училишните згради, според Блажевски, е целосно реализиран проект затоа што, како што вели, „целосно е заменета надворешната столарија во средното училиште“.

Усогласување на Деталниот урбанистички план. Усогласување на ДУП за градот Демир Хисар во согласност со претстојните измени на водостопанската основа на РМ и со потребите на граѓаните и на претпријатијата на Општина Демир Хисар, според Блажевски е реализиран проект.

Поддршка на проекти со пограничните општини. Општината поддржува проекти за стопанска и за културна меѓународна соработка со пограничните општини и интензивирање на соработката со демирхисарските иселеници, нивно анимирање и поврзување со Општината. Ова, според Блажевски, се реализира во континуитет.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

8.795.522

Реализиран буџет

7.293.197

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

1.474.302

Реализиран буџет

562.283

Задолженост на општината

25.276

Реализирани капитални инвестиции по жител

67

Други општини