Во изборната програма на градоначалникот Ружди Лата, во 2013 година претежно се наведени проекти од урбаната инфраструктура и изградба на училишни објекти. Од осум приоритетни проекти, за четири години, Лата целосно има реализирано пет, два делумно и еден проект не е реализиран. Според оценката на кабинетот на градоначалникот, тој успеал да реализира 95 проценти од својата програма.

Според податоците на БИРН, од вкупно потрошените средства, Општина Дебар, за изградба на капитални објекти потрошила 13,4 проценти или 1,9 милиони евра, од планираните над 3 милиони, односно 95 евра по жител. 

Изградба на нов објект на дебарската гимназија. Врвен приоритет на дебарскиот градоначалник, до крајот на мандатот, било завршување на изградбата на објектот на гимназијата „28 Ноември“. Вредноста на инвестицијата била проценета на 2,3 милиони евра, средства обезбедени од Општината, Министерството за образование и наука, како и од донатори.

Според информациите добиени од кабинетот на градоначалникот, објектот на гимназијата, над 5 илјади квадратни метри, е изграден и пуштен во употреба во 2017 година. Изградбата е финансирана со донација од турската агенција ТИКА и траела четири години.

Изградба на нова пешачка зона. Изградбата на пешачка зона со сета придружна инфраструктура од центарот на градот, плоштадот Скендербег до улицата Братство и единство, е наведена како втор приоритетен проект на Лата. Ве неговата изборна програма стои дека проектот треба да чини 2 милиони евра и да биде завршен до крајот на 2015 година.

Од кабинетот на градоначалникот информираат дека проектот е целосно реализиран во предвидениот рок, во кој се вложени еден и пол милиони евра, средства од Општината, како и донации од правни и физички лица.

Изградба на Зелен пазар. Целосно реализирана е изградба на модерен зелен пазар, според европски стандарди, со паркинг, кој обезбедува доволно места за паркирање на возилата. Вредноста на инвестицијата е процената на 2 милиони евра, а рокот на реализација бил крајот на 2015 година. Пазарот е изграден во соработка со Исламската верска заедница и е пуштен во употреба во 2017 година, со две години задоцнување.

Бекатон за тротоари и за улички. Поставувањето бекатон на сите тротоари и заостанати улички во сите населби на Општината е наведен како еден од приоритетите во предизборната програма на дебарскиот градоначалник. Инвестицијата била процената на пола милион евра, а рокот на реализација бил 2017 година.

Од Општината велат дека, не само што се покриени со бекатон-плочки тротоарите и уличките во градот, туку бекатон-плочки се поставени и во уличките на некои дебарски села. Инвестицијата е реализирано навреме, со средства на Општината и со придонес на граѓаните. Вредноста на проектот е зголемена за 100 илјади евра, затоа што бекатон-плочки се ставени и во селата, што не било предвидено во програмата.

Модернизација на јавното осветлување. Во програмата на Лата се зборува за модернизација на јавното осветлување, додека во одговорите на Општината за БИРН се зборува за проширување на јавното осветлување со дополнителни два километри. Проектот е реализиран во предвидениот рок, а во него се вложени 80 илјади евра, средства обезбедени од ИПА Фондовите на Европската унија и од општинскиот буџет.

Подобрување на водоснабдувањето. Делумно остварени проекти во Општина Дебар се проектот за целосно решавање на проблемот со водоснабдувањето и проектот за фекални и атмосферски канализации.

Лата, во својата изборна програма, како трет приоритет, го поставил дефинитивното решавање на проблемот со притисокот на водоводот за сите населени места во Општината. Рокот за реализација е 2015 година, а средствата, во висина од 660 илјади евра, требало да се обезбедат од Општината, ИПА фондовите на Европската унија и од Европската банка за развој.

Во отчетот, Лата тврди дека проектот во градот, во најголем дел е остварен, а останува да се приклучат и селата. Од предвидените 660 илјади евра, обезбедена е донација од Европската банка за развој, во висина од 460 илјади евра, што значи дека за целосна реализација на проектот недостасуваат околу 200 илјади евра.

Изградба на мрежа за фекална и атмосферска канализација. Изградба на мрежата со фекални и атмосферски канализации е еден од недовршените проекти на дебарскиот градоначалник. Во неговата изборна програма не се прецизира дали ваквото ветување се однесува само за градот или за целата Општина. Таму нема ниту рок, ниту се пресметани потребните средства за реализација.  

Во врска со овој проект, од Општината за БИРН објаснуваат дека досега е изградена атмосферска канализација во должина од 2 километри, во вредност од 300 илјади евра, а средствата се обезбедени од Општината и од Министерството за екологија. Исто така, направено е проширување на мрежата на фекалната канализација за руралните средини, стои во одговорот на Општината, во кој нема дополнителни детали за кои села се однесува.

Реконструкција на системот за наводнување. Реконструкцијата на пумпната станица на системот за наводнување, за кој Лата ветуваше дека ќе го заврши до 2013 година, е нереализиран. За овој проект се предвидени само 400 илјади евра, средства од министерствата за земјоделство и за екологија.

Меѓутоа, во одговорите на Општината сега се зборува за поинаква конструкција на проектот. Ако пред четири години биле предвидени 400 илјади евра за реконструкција на пумпната станица за наводнување, сега веќе пресметките се далеку посериозни. За целосна реализација на проектот се предвидува дека ќе бидат потребни околу десет милиони евра. Министерството за земјоделство побарало  редизајнирање на целиот систем за наводнување, од пумпната станица, реконструкција на системот за наводнување, како и негово проширување за наводнување на нови земјоделски површини. Досега е направенa физибилити студија и во фаза на изработка е техничката документација, која се финансира од Министерството за земјоделство. 

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

18.348.211

Реализиран буџет

14.849.335

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

3.381.707

Реализиран буџет

1.983.762

Задолженост на општината

1.210.780

Реализирани капитални инвестиции по жител

96

Други општини