Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, во својата програма од 2013 година нема зацртано приоритети, односно на триесетина страници ги има наведено сите проекти, поделени по области, кои планира да ги исполни во четиригодишниот мандат. За разлика од програмата, отчетот на Жерновски, кој во јавноста претрпе критики поради цената што била платена за печатење (над 32.000 евра), е прилично богат и на 240 страници преку фотографии „пред“ и „потоа“ прикажани се реализираните проекти.

Од Општина Центар излегоа во пресрет на нашите барања да одговорат прецизно кои проекти биле приоритетни за градоначалникот Жерновски на почетокот на мандатот и точно кои проекти од програмата се реализирани, а кои не се. Оттаму велат дека Жерновски реализирал околу 80 отсто од својата програма од 2013 година. Како нереализирани проекти ги издвојуваат гасификацијата во Општина Центар, бидејќи, како што велат, мрежата од страна на Град Скопје сѐ уште не била инсталирана, а проблем претставувале и некои точки од програмата, како на пример изградба на паркинзи или улици, каде што надлежностите се поклопувале со градот Скопје или, пак, било востановено дека се работи за приватни земјишта, кои не се денационализирани.

Ревизија на Скопје 2014. Веднаш штом стапи на функцијата, Жерновски формираше комисија од поранешни членови на Aнтикорупциската комисија (Слаѓана Тасева и Драган Малиновски), кои извршија ревизија на контроверзниот проект во центарот на Скопје.

Ревизијата резултираше со извештаи, во кои, меѓу другото, беше утврдено дека парите на авторите на спомениците им биле префрлани без детален опис по ставки на што точно се потрошени.

„Посочените незаконитости во постапките за јавни набавки резултираат со штета по Буџетот на Општина Центар, во износ од околу 8 милиони евра, само по основ на изработка на спомениците“, рече во 2013 година Драган Малиновски, член на ревизорската комисија.

Овој извештај покажа и дека на тендерите се фаворизирале две италијански компании, кои иако нуделе десетици проценти повисоки суми, ја добивале работата, откако конкуренцијата била исклучувана поради нецелосна документација. Извештајот не беше доволен за истражните органи да почнат истрага за начинот на склучувањето на договорите за контроверзниот проект, сѐ додека не беше формирано Специјалното јавно обвинителство, кое води повеќе предистражни и истражни постапки.

Во отчетот на општината се вели дека „преку референдумот, општина Центар се избори ГТЦ да го зачува автентичниот изглед, спречена е изградбата на Шпанските скали, направена е ревизија на контроверзниот проект “Скопје 2014“, со што се покажа незаконското работење на претходното раководство на општината“.

Бесплатен паркинг за жителите на Центар. Овој проект беше реализиран во јуни 2013 година, односно жителите на Општина Центар можат бесплатно да го паркираат својот автомобил на целата територија на Општината без временски ограничувања, во зона 1 и зона 2 на паркиралиштата на ЈП ПОЦ.

Изградба на нова градинка. Новата градинка „Кочо Рацин“ беше отворена во 2015 година. На местото на старата руинирана и дотраена градинка, изградена беше нова, со димензии трипати поголеми од претходната. Градинката „Кочо Рацин“ е на површина од 2.800 квадратни метри и нуди можност за сместување и грижа на околу 250 деца.

Изградба на ново општинско училиште. На површина од над 10 илјади квадратни метри се гради основното училиште „Капиштец“, со капацитет за 500 ученици. Училиштето почна да се гради во 2016 година, а ќе биде готово во 2018 година. Порталот „Билд“ пишува дека, според податоците од веб-страницата на Бирото за јавни набавки, изградбата на ова основно училиште ќе чини 416 милиони денари, а Општина Центар ги обезбедила финансиските средства за овој проект откако се откажала од инвестирањето во „барокна“ катна гаража кај НИП „Нова Македонија“.  

„Ј.Х. Песталоци“ е последното училиште што било изградено во нашата Општина, во 1969 година, како донација на швајцарската влада по катастрофалниот земјотрес. Иако со своите 12.000 жители е најголемата населба во Центар, Капиштец немаше свое училиште. Поради тоа, голем број деца се принудени да одат во училиштата што се наоѓаат далеку од населбата. За да стигнат до најблиските училишта, децата мораат да поминуваат повеќе сообраќајници, со што е загрозена нивната безбедност. Со изградбата на новото основно училиште, конечно, Капиштец доби своја модерна образовна установа за 500 ученици“, се вели во отчетот на Жерновски. Од општината велат дека се изградени десет нови детски игралишта, реконструирани се улици со вкупна површина од 52000 квадратни метри.

„Двете улици на боемите веќе станаа култно место за љубителите на добра храна и музика и пријатен амбиент“, стои во оттчетот.

Изградени се 4 нови сквера, обновени фасади на 13 згради, обезбедено е бесплатно паркирање на жителите на Центар, изградени се игралишта и фискултурни сали, а се помагаат одбојкарите и кошаркарите на “Работнички“.

Општина Центар, во мандатот на Андреј Жерновски, предвидела дека ќе потроши над 40 милиони евра за изградба на капитални објекти, додека потрошила нешто над 22 милиони евра или околу 55 проценти.

По жител, пак, општината за изградба на капитални објекти потрошила 498 евра.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

82.307.577

Реализиран буџет

58.588.541

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

40.506.992

Реализиран буџет

22.621.853

Задолженост на општината

1.667.356

Реализирани капитални инвестиции по жител

498

Други општини