И покрај многубројните напори на БИРН, не успеавме да добиеме одговори од градоначалникот на Чашка, Горанчо Пановски, за тоа колку од најавените приоритетни проекти се реализирани. Пишавме и на официјалните фејсбук-страници на Општината и на градоначалникот, но бевме известени дека „тој не раководи со тие страници и одговорите да ги побараме на друг начин“. За активностите на градоначалникот Пановски има оскудни информации и во медиумите, па оттаму тешко беше да се утврди дали приоритетите што градоначалникот ги дал на почетокот на мандатот се реализирани.

Изградбата на филтер-станица во населбата Чашка. За овој проект не можат да се најдат никакви информации за тоа дали проектот е реализиран.

„Преку изградба на оваа пречистителна станица, еднаш засекогаш ќе се реши проблемот со водоснабдување во населбата Чашка, кој е изразен во летниот период“, се вели во програмата на Пановски од 2013 година.

Овој проект било предвидено да чини 13,5 милиони денари, а средствата било планирано да се обезбедат од меѓународни финансиски институции и од буџетот на Општината, со рок на реализација до 2015 година.

Изградба на систем за собирање, одведување и пречистување фекални отпадни води за с. Лисиче. Проектот за изградба на собирање и пречистување отпадни води за селото Лисиче е реализиран.

Во програмата на Пановски било предвидено канализациската мрежа со вкупна должина до пречистителната станица да биде 3.400 метри. Предвидените средства за оваа намена, кои било планирано да се обезбедат од меѓународни финансиски институции, изнесуваат 12,5 милиони денари.

Кон почетокот на 2015 година, давајќи отчет за сработеното, градоначалникот Пановски информира дека во тек е јавен повик за избор на најповолен изведувач за проектот „Изградба на систем за собирање, одведување и пречистување фекални отпадни води“ за селото Лисиче финансиран од Министерството за транспорт и врски и Европската инвестициона банка.

Во 2015 година, Општината објавува дека градежните активности за поставување канализација во селото Лисиче се во завршна фаза.

„Канализациската мрежа директно ќе придонесе во подобрувањето на квалитетот на животот на жителите во с. Лисиче, со што се спречува миграцијата село - град“, објавува Општината.

Изградба на дом на култура во населбата Чашка. „Повеќе од потребно е да се изгради Дом на културата во Општина Чашка, затоа што е една од ретките општини каде што нема дом на културата“, се вели во програмата на градоначалникот од 2013 година и се додава дека до 2017 година ќе се изгради овој дом со пари од Општината во вредност од 10 милиони денари.

Според расположливите податоци на интернет, може да се утврди дека овој проект на Пановски не е реализиран, а ниту на веб-страницата за јавни набавки нема документи за договор за изградба на дом на култура.  

Изградба на нов базен за вода и реконструкција на водоводниот систем во Извор. Во програмата на Пановски од 2013 година стои дека во населеното место Извор ќе се изгради нов базен за вода и ќе се реконструира водоводниот систем со 5 милиони денари обезбедени од меѓународни финансиски институции.

Две години подоцна, во Интегрираниот план за Општина Чашка 2015-2017, повторно се споменува водоснабдувањето во населеното место Извор, како еден од приоритетите, но не е наведено дека овој проект е реализиран.

Во планот стои дека стратегиски цели се „подобрување на квалитетот и квантитетот на водоснабдувањето“ и „изградба на нов водоводен систем во Чашка, Горно Јаболчиште, Долно Јаболчиште, Богомила, Извор, Теово и Владиловци“, за што се потребни 270 илјади евра, а како потенцијални донатори се наведени ИПА фондовите и европските програми.

Изградба на фекална канализација и колектор за отпадни води во селата Г. Врановци, Г. Јаболчиште и Д. Јаболчиште за заштита на ХС Лисиче.  „Со оглед на фактот дека станува збор за големи населени места кои гравитираат над ХС Лисиче, потребно е да се изгради колекторски систем за заштита на водите на ХС Лисиче“, се вели во програмата на Пановски од 2013 година, а за проектот ќе бидат издвоени 95 милиони денари од буџетите на општините Чашка и Велес, како и од водостопанското претпријатие „Лисиче“.

Од јавно достапните документи може да се види дека истиот проект бил најавуван и како приоритет во 2012 година, но нема никакви информации дали е реализиран.

Изградба на мост на реката Бабуна во с. Богомила. Пановски ветил дека до 2013 година ќе се изгради мост на реката Бабуна во с. Богомила заради заштита на стариот Римски мост, преку кој моментално се одвива целокупниот сообраќај во тој дел од Општината.

 Според пишувањата на „Вистиномер“, овој проект не е реализиран.

Ветувањето за овој мост го има во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори, кои се одржаа во декември 2016, како проект што допрва треба да се реализира, односно во периодот 2017-2019 година.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

9.620.698

Реализиран буџет

7.557.205

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

2.211.031

Реализиран буџет

1.161.226

Задолженост на општината

165.561

Реализирани капитални инвестиции по жител

146

Други општини