Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој го завршува својот четврти мандат, во изборната програма во 2013 година, како кандидат на ДУИ, поставил пет главни приоритети - првиот е гасификација на Oпштината, завршување на плоштадот Скендербег, подземна инфраструктура за населбата Серава, Универзитетски кампус за Тетовскиот универзитет, како и проширување на улицата Цветан Димов. Во програмата, Меџити нема поставено рокови, ниту има пресметка за потребни средства за реализација на проектите.

И од оваа Oпштина не одговорија на барањата на БИРН во врска со реализацијата на ветените проекти.

Според достапните информации, од пет приоритетни проекти, Меџити во последниот мандат има реализирано само два, изградбата на плоштадот Скендербег и проширување на улицата Цветан Димов.

Во своите проектирани буџети, општинарите во Чаир, за изградба на капитални објекти, во периодот од 2013 до 2016 година, планирале да потрошат над 30 милиони евра, а потрошиле нешто над 10. Во тие три години, за капиталните проекти биле потрошени 169 евра по жител.

Изградба на плоштадот Скендербег. Плоштадот Скендербег беше пуштен во употреба на крајот на август 2017 година, иако не се целосно завршени сите зафати од третата фаза на проектот, како што е изградбата на подземен паркинг и покривање на патот што ги поврзува Општина Чаир со Центар.

Плоштадот требаше да биде завршен во 2013 година. Одложувањето за четири години, Меџити во јавноста го има правдано со тоа што се работи за мегапроект, во кој се вклучени многу институции.

Проширување на улицата Цветан Димов. Во реализацијата на проектот за проширување на улицата Цветан Димов, вложени се 18 милиони денари и се гради во соработка со Град Скопје. Иако на терен градежните работи се при крај, официјално пуштање во употреба не е направено. На сајтот на Општината има информација само за почнување на градежните работи за проширување на патот и за донацијата на ЕВН во износ од 4 милиони денари за дислокација на подземните електрични кабли.

Гасификација на Чаир. Проектот за гасификација на Скопје помпезно е најавен во почетокот на 2014 година од поранешниот премиер Никола Груевски, меѓутоа изградбата на дистрибутивната мрежа не почнала ниту кон крајот на 2015 година. Дури кон средината на 2017 година, Груевски најавува дека до крајот на годината ќе се избере концесионер за изградба на секундарната гасоводна мрежа, во која спаѓа и Општина Чаир.

Подземна инфраструктура за Серава. Меџити не успеа да го реализира ниту приоритетниот проект за изградба на подземна инфраструктура за населбата Серава. За судбината на овој проект нема ниедна информација на веб-страницата на Општината. Од страната на Бирото за јавни набавки, видливо е дека во јуни 2016 година, Општина Чаир склучила договор за „реконструкција на дел од цевководот во населба Серава“.

Универзитетски кампус. Идејата промовирана од целиот партиски и владин врв на ДУИ за изградба на универзитетски кампус за Тетовскиот универзитет, во касарната Илинден не е реализирана.

Последната информација за судбината на универзитетскиот кампус е објавена кон средината на 2015 година, на веб-страницата на Општината, кога бил ставен на јавен увид Деталниот урбанистички план за кампусот.   

Изградба на катни гаражи, градинка и библиотека. Освен приоритетни проекти, Меџити во 2013 година ветил и други важни проекти за чаирчани. Се заложил да изгради две катни гаражи, едната кај џамијата Иса бег и друга кај театарот на народностите, со цел да се реши проблемот со паркирањето на Бит-пазар.

Две години по изборите, Општината успеала да ги внесе двете катни гаражи во урбанистичкиот план, но досега нема информација дека гаражите се изградени.

Еден од поекспонираните проекти на Меџити беше и изградбата на новиот пазар на Бит-пазар, заедно со Скопски пазар. Таквото ветување уште не е остварено. Проектот е промовиран на почетокот на 2013 година, а вредноста му беше проценета на десет милиони евра.

Нема трага ни за реализацијата на ветените проекти на Меџити, како што е изградбата на надвозник кај трговскиот центар „Мавровка“, изградба на градинката „Бамби“ и на библиотека во Чаир. 

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

77.386.303

Реализиран буџет

44.918.315

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

30.238.891

Реализиран буџет

10.982.497

Задолженост на општината

2.327.769

Реализирани капитални инвестиции по жител

170

Други општини