Градоначалникот на Берово, Драги Наџински, дефинитивно, заостанува со реализацијата на голем дел од проектите што самиот пред изборите во 2013 година ги издвои како приоритетни во неговиот мандат.

За овие проекти е карактеристично што не може да се најдат многу информации во медиумите, ниту, пак, на страницата на Општина Берово, а Наџински не одговори на прашањата на БИРН, иако вети дека ќе го стори тоа.

Општина Берово, во периодот од 2013 до 2017 година, предвидела 5,9 милиони евра за изградба на капитални објекти, од кои потрошила 2,6 милиони, што значи дека реализирала некаде околу 45 проценти од предвидените капитални инвестиции. Односно, локалната самоуправа од Берово, во капитални објекти инвестирала околу 205 евра по жител.

Градски пазар. На местото на постојниот пазар, градоначалникот ветил дека Општината до септември 2016 година ќе изгради нов и современ градски пазар, кој ќе биде најголемиот комерцијален објект во Берово, но овој проект досега не е реализиран и нема информации во која фаза е евентуалната изградба на пазарот.

Во октомври 2016 година, Општината објавила оглас за фирма што ќе го гради пазарот, меѓутоа од тогаш нема информации дали е најдена градежна компанија и дали таа воопшто гради пазар.

 И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред последните парламентарни избори во декември 2016 година вети зелен пазар во градот, додека амбасадорот на Европската унија (ЕУ), Самуел Жбогар, во февруари годинава изразил надеж дека ќе го види пазарот, кој е планирано да го финансира ЕУ, преку ИПА-фондовите.

И во партискиот отчет на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 година, каде што се набројани и проектите на општините водени од оваа партија, нема информација за тоа како напредува градбата на пазарот.

Водовод Двориште. До крајот на 2014 година, селото Двориште требаше да има современ водовод, меѓутоа судејќи според оскудните информации во медиумите и на сајтот на Општина Берово, водовод не е направен.

До сличен заклучок дошле и од Сервисот за проверка на факти Вистиномер во нивниот текст од јуни 2016 година.

Од скромните информации во медиумите за овој проект издвојуваме дека во август 2015 година, тогаш сѐ уште премиерот Никола Груевски бил во Берово и на средба со граѓаните информирал дека се изготвува проектот за овој водовод, а неколку недели подоцна и градоначалникот Наџински ја потврдил оваа информација на прес-конференција.

Водовод Ратево. До 2014 година, според предизборната програма на градоначалникот, селото Ратево требаше да се поврзе со регионалниот водовод во Берово, меѓутоа и за овој проект има малку конкретни информации и од нив може да се заклучи дека се изготвувал проект, меѓутоа рокот е пробиен, а водовод не е готов.

Повторно Груевски пред парламентарните избори во 2016 година го најавува овој проект за во иднина.

Канализација. Во периодот од 2014 до 2016 година ветена е доградба на канализација и пречистителни станици во селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, Смојмирово и Ратево. Нема официјални информации до каде е реализацијата на овие проекти.  

Плоштад во Русиново. Градоначалникот пред изборите вети дека до 2014 година, Општината ќе изгради и ќе го уреди плоштадот Никола Петров Русински во селото Русиново, меѓутоа за овој проект нема никакви информации, ниту на сајтот на Општината, ниту во медиумите, а тој не се споменува ниту, пак, во отчетот од 2016 на партијата ВМРО-ДПМНЕ, чиј член е Наџински.

Нова автобуска станица. Нова модерна автобуска станица е уште едно од приоритетните ветувања на градоначалникот за кое нема доволно информации за да се утврди до каде е реализацијата на овој проект.

И за ова ветување рокот е 2014 година, меѓутоа дури во август 2015 година градоначалникот објаснува дека сѐ уште се бара локација за автобуската. Според тогашните најави, планот бил да се дислоцира старата автобуска на нова локација, меѓутоа, според Наџински, новото место не било соодветно и се бара друга локација, некаде на влезот на градот. Нема други информации што се случува со овој проект.

Олимписки базен. Преку јавно-приватно партнерство, Општината ќе изгради олимписки базен до јуни 2016 година, ветува градоначалникот пред локалните избори, но судејќи според расположливите информации, базенот сѐ уште не е изграден.

Нема никаква информација за овој проект во партискиот отчет на ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, на сајтот на Општина Берово.

Капела. Според ветувањата на градоначалникот, Општината до април 2015 година требало да ги прошири градските гробишта и да изгради капела. Овој проект е делумно остварен. Градската капела е готова во 2015 година, меѓутоа нема информација што се случи со планот за проширување на гробиштата со експропријација на приватно земјиште.

Асфалтирање улици. Последен од приоритетите во програмата на градоначалникот е асфалтирањето улици во селските населби Мачево, Митрашинци, Ратево и Двориште.

Во отчетот на Наџински стои дека влезната улица во Митрашинци добила нов асфалт, и оти овој проект долго време бил блокиран од општинскиот совет со кој раководеше неговата противничка партија СДСМ. За Ратево има информација дека е асфалтирана улица од 140 метри во Мишовска маала, која почнува од центарот на селото. Во брошурата има информации и за десетина други асфалтирани улици во градот и во Беровско, меѓутоа нема ништо конкретно за улиците во с. Мачево и во с. Двориште.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

19.232.542

Реализиран буџет

13.478.499

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

5.901.932

Реализиран буџет

2.671.839

Задолженост на општината

460.016

Реализирани капитални инвестиции по жител

205

Други општини