Главни приоритети на градоначалникот Брахим Ајвази во изборната програма од 2013 година му биле решавањето на проблемите со канализацијата во Арачиново, отворање средно училиште и изградба на општинска зграда. Освен тоа, предвидел и изградба на водоводи за две села, изградба на еден локален пат, како и дислокација на дива депонија.

Според податоците од планираните и реализирани буџети, видливо е дека Општина Арачиново, во периодот 2013 – 2016 проектирала ниска сума за изградба на капитални проекти, само 550 илјади евра, од што се реализирани 330 илјади. Од вкупно потрошените пари, општинарите на Арачиново, за капитални проекти одвоиле  5,5 проценти или речиси 25 евра по жител.

На веб-страницата на Општината, која многу ретко се обновува, има скудни информации за работата на градоначалникот, а од Општината не одговорија ниту на прашањата на БИРН за текот и реализацијата на ветени проекти.

Од ветените приоритетни проекти за Општина Арачиново, Ајвази за време на четиригодишниот мандат нема реализирано ниеден.

Изградба на канализација. Како свој прв приоритет Ајвази ја посочува изградбата на канализација за Арачиново, која требало да заврши до 2017 година. За реализација на проектот биле предвидени три милиони евра, но канализацијата не е изградена.

Во отчетот за реализирани проекти во неговиот мандат, објавена на веб-страницата на Општината, Ајвази се фали со изградбата на канализација за три маала во селото Арачиново. Освен тоа, во јули годинава, министерот за екологија, Садула Дураки, во изјава за медиумите кон крајот на јули, ветил нови средства за изградба на дел од истата канализација.

„За канализацијата во Арачиново, годинава сме предвиделе 19 милиони денари, додека за наредната нови 12 милиони“, изјавил тогаш Садула Дураки.

Ајвази не успеал да го реализира ниту проектот за покривање на каналот со фекалии во Арачиново, со рок на реализација до крајот на 2013 година. За таа цел предвидел еден и пол милиони евра. За судбината на овој проект нема ни збор во отчетот на градоначалникот. За тоа нема информација ни на веб-страницата на Општината, ниту во медиумите.

Изградба на водоводи за селата Орланци и Грушино. Проектите за изградба на водоводи за селата Орланци и Грушино, со рок на реализација до крајот на 2013 година, не се остварени.

За судбината на водоводот во с. Орланци нема никакви информации, додека за с. Грушино, во јули годинава, телевизијата Алсат-М објави прилог за проблемот со снабдување со вода во селото. Поради отсуство на чиста вода, селаните често се разболувале од туларемија и се жалат на Општината за нерешениот проблем со снабдување со чиста вода за пиење.

Во програмата за едниот водовод биле предвидени 50 илјади евра, а за вториот 200 илјади.  

Изградба на средно училиште во Арачиново и локален пат Арачиново-Брњарци. Ајвази не го остварил ниту ветувањето за изградба на средно училиште во Арачиново, а не е изграден ниту локалниот пат Арачиново - Брњарци. За отворање на средното училиште предвидел 2 милиони евра, кои никогаш не се обезбедени. Овие два проекта не се спомнуваат во отчетот на градоначалникот, ниту има каква било информација на веб-страницата на Општината.

Дислокација на Липковската депонија. Градоначалникот на Арачиново не ја реализира ниту идејата за дислокација на дивата депонија, на влезот на селото Арачиново, од северната страна, каде што Липково го складира сметот од целата Општина. Депонијата честопати гори и претставува сериозен извор на загадување за жителите на Арачиново.

Изградба на спортската сала. Единствениот целосно реализиран проект за време на мандатот на Ајвази е изградбата на спортска сала во Арачиново. Салата првично била предвидена да се гради до крајот на 2013 година, но пуштена е во употреба во 2016 година, со три години задоцнување.

Изградба на општинската зграда. За време на овој мандат, Ајвази не ја изгради ниту општинската зграда, ветена во изборната програма, за чија реализација предвидел 200 илјади евра, со рок на изградба до 2013 година. Меѓутоа, зградата сѐ уште не е изградена. На истекот на мандатот вели дека успеал да обезбеди донација од ИПА фондовите, со кои во наредниот период треба да се изгради објектот. Тендерот за изведување на градежните работи бил објавен во август годинава.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

6.609.823

Реализиран буџет

5.964.438

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

553.659

Реализиран буџет

330.915

Задолженост на општината

400.797

Реализирани капитални инвестиции по жител

25

Други општини