Градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садики, од опозициската Демократската партија на Албанците, го завршува вториот мандат како градоначалник, а првпат на оваа функција беше избран на локалните избори во 2009 година.

Изборна програма објавена во печатена форма за Садики, како кандидат за градоначалник, не успеавме да најдеме, но главните ветувања за изборната кампања од 2013 година ги извлековме од предизборните митинзи, кои неговата матична партија ги организирала со граѓаните од тој крај.

Од настапите на митинзите на Садики пред граѓаните лоциравме четири приоритети: изградба на водоводи, канализации, училишта и јавен превоз за пооддалечените села на Општината. Од тоа еден проект успеал да го реализира целосно и два проекта делумно. Последните три проекти не се реализирани, два се почнати со градба и запрени, додека еден проект не почнал да се гради, туку е обезбедена само техничката документација и потребните дозволи.  

Според податоците на БИРН, општинарите во Студеничани потрошиле помалку од половина од проектираните средства за изградба на капитални објекти. Планирале над 2,6 милиони евра, потрошиле нешто повеќе од милион и сто илјади или 52 евра по жител.

Локални патишта. Врвен приоритет на градоначалникот на Студеничани му било изградбата на сите локални патишта во Општината. Меѓутоа, по четири години, во официјалните одговори за реализација на неговата програма доставена до БИРН, Садики ретерира и тврди дека на граѓаните им ветил изградба на само три главни локални патишта, како што се патот за Студеничани, Батинце и Моране. Меѓутоа, во видеозапис објавен на Јутјуб од митингот на ДПА во Студеничани во 2013 година, кога Садики е претставен како кандидат за градоначалник, буквално ветил изградба на сите локални патишта во Општината.

„Во текот на мојот мандат успеав да ги изградам ветените патишта, но не само тоа, изградив и повеќе од тоа што сум ветувал. Изграден е локалниот пат за Студеничани во должина од 4,5 километри, за Батинци е завршен патот во должина од 6,5 километри, а за селото Моране целосно е асфалтиран патот во должина од 1,5 километар“, пишува во одговорот, Садики.

Според него, надвор од ветувањата изградил уште два локални патишта за селото Цветово и Долно Количани, во должина од 3,5, односно од еден километар.  

Изградба на средно училиште во Студеничани. Вториот приоритет во програмата на Садики за Студеничани била изградбата на средно училиште во Општината. Тоа ветување не е реализирано, но додава дека е обезбедено градежното земјиште со вкупна површина од 5 илјади квадратни метри, а била изготвена и целата документација и потребните дозволи.

Канализација за Батинце и за Моране. Ветувањето за изградбата на канализација за селата Батинце и Моране, во должина од шест километри, кое беше трет приоритет на градоначалникот, е целосно реализирано. Изградбата на двете канализациски мрежи е почнато во 2014 година, а се завршени годинава.

Изградба на основно училиште во Батинци. Садики не успеал да го исполни ветувањето за изградба на нов објект на основното училиште во селото Батинци. Вели дека проектот за училиштето е готов и требало да го финансира Министерството за образование и наука. Објектот влегол во програмата на Министерството за изградба на нови училишта, но од нејасни причини изградбата се одолжува, објаснува тој.

Изградба на водоводот за Долно Количани и Дречавица. Ветувањето на градоначалникот за изградба на водоводот за Долно Количани и Дречавица не е остварено. „Изградбата на водоводот во Долно Количани е почнат со средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски, но работите се запрени без наша вина“, објаснува Садики. За судбината на водоводот во селото Драчевица тој не дава никакво објаснување.

Јавен превоз. Последното ветување на Садики било обезбедувањето јавен превоз за три села од Општината, Вртекица, Горно Количани и Драчевица. За четири години мандат како градоначалник успеал да обезбеди јавен превоз за првите две села, додека Драчевица сѐ уште нема јавен превоз.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

12.935.072

Реализиран буџет

9.740.991

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

2.679.407

Реализиран буџет

1.103.653

Задолженост на општината

802.469

Реализирани капитални инвестиции по жител

53

Други општини