Лоши патишта и водоснабдување се клучните проблеми на Општина Долнени. Тие доминираат и во ветувањата дадени во предизборието на актуелниот градоначалник Боше Милошески во 2013 година.

Три години подоцна, според општинскиот гласник од крајот на 2016 година, состојбата со водоснабдувањето во населените места во Општината и натаму е критична. Во дел од населените места во Општина Долнени се користи технички неисправна вода за пиење, која претставува предуслов за појава на одредени заболувања и епидемии. Во поглед на капацитетот за водоснабдување во одредени временски периоди, особено во летниот период, не можат да се задоволат ни основните потреби.

Што се однесува до канализациските системи и речните корита, состојбата во населените места воопшто не задоволува и не одговара на потребите за урбано живеење на месното население. Постои несоодветен третман на фекалните и атмосферските води, односно нивно неконтролирано испуштање без прочистување.

Поради тоа, Општината носи програма за 2017 година, во која дел од ветувањата дадени во 2013 година, повторно се посочуваат како приоритет.

Локалната самоуправа, во мандатот на Милошески предвидела дека во изградба на капитални објекти ќе потроши 3,4 милиони евра, а потрошила 1,3 милиони, што претставува реализација од 38 проценти.

По жител, оваа Општина, во овој период потрошила 90 евра во капитални инвестиции.

Реконструкција на патишта. Како прв приоритет во програмата на градоначалникот на Долнени е наведена реконструкција, асфалтирање и проширување на повеќе патишта во оваа Општина. Како рок за нивна реализација се наведени четирите години од мандатот на локалната самоуправа, 2013 до 2017 година.

Изградени се делови од патот Десово – Браилово, потоа седум и пол километри од патот Костинци – Зрзе, локален пат Долгаец – Маргари - Костинци, а медиумите во 2016 година пренесуваат информации за почеток на работи и на реконструкција на патот Ропотово – Црнилиште.

За две од приоритетните делници наведени во програмата на избраниот градоначалник, нема информации дека се реализирани: Дупјачани – Дреновци стана повторно изборно ветување во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2016, а од патот  Дупјачани – Небрегово се изградени 3,6 километри.

Канализација во Десово и Ропотово. Рок за реализација на ова изборно ветување беше 2016 година. На крајот од таа година, ова изборно ветување влегува во планирани активности за 2017, како и во ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2016 година, со рок 2017-2019 година. Во отчетот на градоначалникот, како реализирани проекти се наведуваат канализациите во село Секирци и Црнилишта.  

Изградба на спортски и детски игралишта. Ветена е изградба на спортски и детски игралишта до 2014 година во селата Долнени, Сенокос, Секирци, Заполжани, Ропотово, Браилово и во Бело Поле.

На интернет-страницата на Општината, под реализирани проекти е наведена изградба на игралишта во Лажани и Житоше, а во јули 2016, при посетата на Долнени, Никола Груевски изјави дека е во тек и изградба на мултифункционално игралиште во селото Ропотово, кое е наведено и во отчетот на градоначалникот.

Поврзување на неколку села со системот на Студенчица. Според податоците на самата Општина на крајот на минатата година, 20 проценти од населението во Општина Долнени не се приклучени на  регионалниот водовод „Студенчица“. Од тоа, 15 проценти користат артериски бунари, со вода од променлив квалитет, 3 проценти од планински извори, а 2 проценти немаат никакво водоснабдување.

Во кампањата во 2013 година беше ветено дека со средствата на Општината до 2016 година ќе се изврши поврзување на водоводната мрежа од селата Мало Мраморани, Рилево и Сливје со системот на „Студенчица“. Ова ветување е содржано во планираната програма на Општината за тековната 2017 година, а во отчетот се нотира поврзување само на селото мало Мраморани со Студенчица.

Реконструкција на водовод. Реконструкција на водоводната мрежа во селските водоводни мрежи во Новоселани, Ропотово, Дебреште и Зрзе  требаше да биде реализирано за една година по локалните избори во 2013 година. Во програмата на Општината за 2017 година, за Новоселани се предвидува изградба на резервоар со вода. Истото е наведено и за селата Долнени и Заполжани.

Чистење и изградба или реконструкција на речно корито. До крајот на 2013 година, од буџетот на Општината требаше да се изврши чистење и изградба или реконструкција на речното корито во Десово, Житоше и во Дебреште. Ова ветување не е наведено во реализираните проекти на страната на Општината, туку е предвидено како идна активност во 2017 година.

Од општинскиот службен весник од јануари 2016 се гледа дека  на барање на група граѓани од селото Житоше, на кои им се излеала фекалната канализација, Советот на Општината донел заклучок да им се дозволи да купат цевки Ф-800 со потребна должина и потоа трошокот да им биде рефундиран од страна на локалната самоуправа.

Изградба на мост. Мостот на реката во селото Житоше е наведен како реализиран проект со средства од Фондот за магистрални и регионални патишта и Општина Долнени. 

Формирање индустриска зона. Општина Долнени, на потенцијалните инвеститори им ја става на располагање Индустриската зона „Дебреште“ лоцирана во близина на патот Прилеп – Кичево и регионалниот водовод „Студенчица“. Индустриската зона „Дебреште“ располага со 154.000 квадратни метри вкупна површина и има водоводен и канализациски систем, електрична мрежа, телефон и интернет. Во јули 2016 година, градоначалникот на Долнени изјави дека индустриската зона располага со 20 парцели, од кои до тој момент биле продадени шест.

Амбуланта. Меѓу ветените проекти во 2013 година беше и изградба на нова амбуланта во селото Секирци и „преземање напори за почнување со работа на амбулантата во селото Долнени“.  Во отчетот на градоначалникот пишува дека таа е прогласена за рурална, со што „селото доби матичен лекар“. Амбулантата во селото Преглево е во приватна сопственост на градоначалникот.

Реконструкција на училишта. Реконструкција на централното основно училиште „Пецо Даскало“ во Долнени и подрачното во Заложани е реализирана со средства на Општината.  

Намалување на цената на водата. Едно од приоритетните ветувања на локалните избори беа и „напори за намалување на цената на водата“. Нема информации дека цената на водата е намалена.

Локалната самоуправа во мандатот на Милошески предвидела дека во изградба на капитални објекти ќе потроши 3,3 милиони евра, а потрошила 1,3, што претставува реализација од 38 проценти.

Долнени во капитални инвестици дала 90 евра по глава од жител.

Вкупен буџет на општината (2013—2016)

Планиран буџет

14.191.578

Реализиран буџет

10.774.938

Буџет за капитални инвестиции (2013—2016)

Планиран буџет

3.350.680

Реализиран буџет

1.262.443

Задолженост на општината

260.555

Реализирани капитални инвестиции по жител

90

Други општини